Апасиев на седницата за интерпелација на Гаши: Ако лавчињата станаа мачиња, сега и ДУИ стануваат сирени
Пратеникот на ДУИ Талат Џафери на денешната седница кажа дека тој лично и парламентарната група на коалицијата на ДУИ нема да ја поддржат интерпелацијата за претседателот на Собранието Африм Гаши, бидејќи мотивацијата на подносителите од Левица е неговата етничка припадност. На тоа, пратеникот на Левица Димитар Апасиев му реплицираше дека ДУИ е „божемска опозиција“.
„Ако мнозинството од владејачите од лавчиња станаа мачиња, многу ми е симптоматично, па дури и симпатично ми е како ДУИ стануваат сирени. Ставот ви е ни риба, ни девојка. Ем сте против Гаши, ама не гласаме ние. Зошто, и ете го круцијалниот ваш аргумент, етничка била интерпелацијата. Не е етничка. Верувам длабоко во себе дека вие сте му консултант на Гаши за кршење на Деловникот затоа што вие сте му должник на Гаши. Да не беше Гаши, сега ќе си земавте апанажа во Форино и ќе си седевте таму. Немаше да бидете пратеник, два месеца бевте и премиер и пратеник, благодарение на овој Гаши, за кој нема денеска да гласате, иако сте божемски опозиција. Видовме колку сте опозиција кога му обезбедивте двотретинско мнозинство на Мицкоски за Законот за организација на работата на државната управа“, кажа Апасиев.
Седницата за интерпелација на Гаши е во тек, а според најавите, СДСМ ќе гласа за интерпелација на собранискиот спикер, додека ВМРО-ДПМНЕ нема да даде поддршка.
Интерпелацијата за Гаши е поднесена од Левица и, како што велат оттаму, е заснована на седум точки: повреда на секуларноста на државата, скандалот на Меѓународниот аеродром во Скопје, повреда на употребата на македонскиот јазик, повреда на правилата за употреба на државните инсигнии, неконстатирање на престанок на мандатот на Талат Џафери, патувањето во Вашингтон со неговата сопруга и повреда на низа деловнички одредби за нормална работа на пратениците и Собранието и продолжување на лошите практики.
Извор: СДК