АктуелноИнтернационалноНастани

30-ти Август: Денот на победата во Р. Турција и улогата на Советска Русија во истата

Овој ден се слави како национален празник во Р. Турција, со кој се одбележува одлучувачката битка во Народноослободителната Борба на турскиот народ, како последна битка во грчко-турската војна, на 30 август 1922 година. Токму после оваа битка, која уште и е позната како „Битка на врховниот командант“ – бидејќи се водела под директна команда на Мустафа Кемал Ататурк – грчкото воено присуство во Анадолија е завршено, а грчките војски биле следени се до Измир; Со ослободувањето на Измир на 9 септември 1922 година, турските земји биле ослободени од империјалистичката окупација на чело со Грција, Британија и Франција, кои окупираат различни делови од Турција. 

Познато е дека Руската империја и Отоманското царство биле спротивставени и еден на друг конкурентни држави, но после Октомвриска револуција во 1917-та година во Русија, новата држава на Советите предводена од Ленин зазема еден друг, антизападен курс во својот историски развиток. Токму во овој период се случува и десолуцијата на Отоманското царство, особено после Договорот од Севр од 1920 година потпишан меѓу сојузниците од Првата светска војна и Отоманската империја, со кој се отстапени големи делови од Отоманската територија на Франција, Обединетото Кралство, Грција и Италија, како и беа создадени големи окупациски зони во рамките на Отоманската империја под контрола на грчките војски. Овој договор жестоко беше отфрлен од страна на Националното движење за независност предводено од Мустафа Кемал, што доведе и до отпочнување на Национално Ослободителната Војна, после која и се формира Турската република на Ататурк. 

Имено, после Октомвриската револуција, додека граѓанската војна во Русија (1918-1922) продолжува, во исто време, во Анатолија се одвиваат и борбите на Турската војна за независност (1919-1922). Токму во овој период, Турција имаше две одделни, измеѓу жестоко спротивставени влади, една во Истанбул монархистичка и другата Анкара републиканска. 

Новоформираниот Советски Сојуз застана на страната и во поддршка на владата во Анкара предводена од Мустафа Кемал, која се бореше против западните империјалистички држави кои ги окупираа турските земји. Владата на Советите, не само што разви дипломатски односи со Владата на Анкара, туку и за време на Народно-ослободителната војна испрати пари и помош во оружје за Национално-ослободителното движење на Мустафа Кемал. 

 Димитриј Медведев му подари на Реџеп Тајип Ердоган фотографија направена на 16 март 1921 година во Москва на која се претставени делегациите на двете држави од моментот кога се потпишува Договорот за пријателство и Братство меѓу Турција и Русија.

Токму Договорот од Москва или Договорот за братство (турски: Moskova Antlaşması, руски: Московский договор) е сведок на пријателските односи помеѓу Советска Русија и републиканска Турција. Овој договор е склучен на 16 март 1921 година, помеѓу Големото национално собрание на Турција, под раководство на Мустафа Кемал Ататурк и Советска Русија, под раководство на Владимир Ленин. Во тоа време се’ уште не била формирана Република Турција, меѓународно призната турска влада била владата на султанот Мехмед Шести во Истанбул. 

Токму со Договорот од Москва, двете влади се обврзуваат да воспостават пријателски односи меѓу себе, а исто така овој договор ги прогласува за ништовни сите договори што биле склучени меѓу Царска Русија и Отоманска Турција. Договорот е важен и од морален аспект за владата во Анкара, затоа што обезбеди подигнување на моралот на отпорот во Анадолија и послужи како порака до сојузничките сили, бидејќи договорот покажаа дека новоформираната Влада на Анкара не е сама во светот.