Квалитетните кадри во образованието подразбираат квалитетнен надомест за вложениот труд
- Пишува Жаклина Свеќаровска – Координатор на Левица – Сектор образование и долгогодишен синдикалец, борец за правата на просветните работници
Министерке!
Наставниците, учителите и другите вработени во основните и средните училишта се вџашени од неодамнешното обраќање на ресорната министерка за образование, Весна Јаневска, овојпат во врска со нивните плати.
Имено, состојбата со плати во образование е очајна. Со вработените во просвета близу две децении не е потпишан Колективен договор. Платите се решаваат со спогодба со која практично се изигруваат правата за правична и соодветна исплата на плати. Бидејќи со тие спогодби минималната нето плата исплатена во државата се зема како бруто плата, голем број вработени како технички персонал во училиштата се исплаќаат според вториот член на тие спогодби кој напомнува дека не смее да се исплаќа пониска плата од минималната утврдена.
На ваков начин низ годините практично се избришани речиси сите коефициенти и истите се сведени на 1, т.е на минимална плата, при што истата е опасно блиску до платата што им се исплаќа на наставниците и стручните соработници.
„Повисоки плати за наставниците ќе има кога ќе се создадат буџетски услови за тоа, а Министерството за образование и наука бара од нив и оваа учебна година да продолжат да придонесуваат за знаењето на учениците.“ – стои во официјалното соопштение на МОН. Натаму продолжува: „Она што го наследивме во Буџетот на МОН е цел едногодишен буџет истрошен за половина година. Необезбедени плати за наставници, за професори, неисплатена помош на ученици, неисплатени стипендии на студенти, неисплатени превози за училиштата, кон општините, необезбедени учебници за повеќе години и за повеќе предмети, неисплатени обврски за лиценци Фулбрајт, ПИСА и кон други странски партнери, студентски домови во распад, ученички домови во распад.“
Министерке!
1. Буџетот на државата е документ во кој се вградуваат политиките за кои се залага власта. Со други зборови, буџетски услови за правична исплата на плати во јавниот сектор чиј дел е и образованието ќе се создадат тогаш кога власта ќе реши дека тоа ѝ е приоритет.
2. Квалитетните кадри подразбираат квалитетнен надомест за вложениот труд. Политиката на прекубројно вработување партиски потрчковци по училиштата промовирана во претходниот мандат на ВМРО- ДПМНЕ, а задржана и надградена од СДСМ ни малку не придонесува кон квалитетот, бидејќи на таков начин вкупната сума се дели на повеќемина ама по малку, па тие кои се свесни дека вредат повеќе одамна ги напуштија училиштата, освен оние кои се со 20+ работен стаж (тие се подготвуваат да одат во пензија).
3. Ако планираниот годишен буџет е потрошен за половина година, а МОН сѐ уште има неисплатени обврски практично кон сите, дали и колку кривични пријави имате поднесено периодов откако сте заседнати на министерското столче во МОН?!
Министерке!
Не сте Дедо Мраз па да делите плата небаре новогодишни пакетчиња, и да филозофирате и на оваа тема, откако ја апсолвиравте таа со гледањето странски серии!
Работниците во просвета не бараат милостина, туку чесен и правичен социјален дијалог!
Левица ги поддржува работниците од просвета во нивната борба за чесен социјален дијалог, Колективен договор што ќе се почитува и достоинствени плати.