Од серијата уништени земјоделско-индустриски комбинати ЗИК „Винојуг“

Во повоена СФР Југославија и со почетокот на социјалистичка револуција, а заради целосен систем на исхрана на населението кој вклучувал технолошки процес на земјоделско производство до преработка на финални прехранбени производи, со решение на Околискиот народен одбор во Гевгелија во 1952 година е формиран ЗИК „Винојуг“.

Две години подоцна на шпалирска конструкција биле подигнати првите лозови насади, а веќе во 1960 година шпалирскиот бил заменет со одрински систем на повеќе од 300 хектари. По само една деценија, во 1970 година, бил постигнат и првиот гроздоберен рекорд кога биле собрани 7.430 тони грозје.

Капацитетот на винарската визба во 1975 година, кога била инсталирана линијата за полнење шишиња со вино, мастика и други алкохолни и безалкохолни пијалоци, изнесувал 554 вагони. Веднаш наредната година бил пуштен во употреба тогаш најголемиот разладен простор во Македонија со капацитет од 9.000 тони кој наскоро во осумдесеттите години двојно се проширил и достигнал капацитет од 18.000 тони.

Комбинатот тогаш располагал со 5.000 хектари обработливо земјиште со лозови и овошни насади, ораници и бавчи, а соработувал и со кооперанти индивидуални земјоделци.

Оранжериите на комбинатот за производство на раноградинарски култури се протегале на 42 хектари и во зимскиот период преку цевковод се загревале со геотермална вода од изворот кај Смоквица.

Покрај ова, во состав на комбинатот работеше фабриката за преработка на овошје и зеленчук „Зора“ со капацитет од преку 10.000 тони зеленчук, слатко и надалеку познатите овошни сокови како и Живинарска фарма во чии објекти се одгледуваа 400.000 кокошки за производство на конзумни јајца.

Овошните сокови од праска, вишна, кајсија се произведуваа од овошје од сопствените плантажи, а по својот квалитет беа најбарани од потрошувачите. Потоа најпознатата „Златната мастика“, вината „Јоска“ и „Тешкото“, конзервиран преработен зеленчук и овошје.

Од гевгелискиот земјоделски гигант, кој некогаш вработуваше 2.500 лица и од неговите огромни капацитети во кои годишно се произведуваа различни земјоделски производи вредни 20 милиони евра, денес не остана ништо. Со нелегалното рушењето на социјализмот и доаѓањето на неолибералниот капитализам во 90 – тите, и со амин на двете партии СДС и ДПМНЕ, Комбинатот буквално беше разграбен. Илјадници работници останаа на улица без работа, со неисплатени плати и придонеси, со украдени акции, а и голем број на кооперанти земјоделци кои работеа со овој гигант.