Народот да не плаќа повисоки камати од долгот – идеите на Левица во Предлог – законите пред Собрание

  • Реакција на Политичката Партија Левица

Во собраниска процедура по скратена постапка влегоа Предлог-законите за изменување и дополнување на Законите за облигациони односи и за извршување, со кои покрај скратување на рокот за застареност од 10 на 5 години, власта го ограничува износот на стасаната, а неисплатена казнена камата, која престанува да тече кога ќе го достигне износот на главнината, како и каматите кои ги пресметуваат извршителите.

Овие предлог закони произлегуваат од Изборната програма на Левица, кои власта ги препиша и ги прикажува како свои. Антилихварското законодавтсво е значаен дел од Изборните програми на Левица. Со доаѓањето на власт на Левица, ќе се донесат закони со кои ќе се регулира банкарскиот систем во целина, како и финансиските друштва кои одобруваат брзи кредити. Народот нема да плаќа лихварски камати и на достоинствен начин ќе ги покрива своите семејни потреби во домашниот буџет. Должничкото ропство ќе биде еден мрачен период од три децениското владеење на СДСМ, ВМРО и ДУИ!

Левица веќе подолго време предлагаше да се ограничи износот кој должникот треба да го плати по основ на камати без разлика дали се договорни или казнени, а го надминуваат основниот долг и не само за финансиските друштва кои одобруваат брзи кредити, туку и за банките, како и за сите должничко-доверителски односи.

Референтната каматна стапка за пресметување на стапката на казнена камата е највисока во последниве 12 години, што значи дека е повисока и казнената каматна стапка за долг во денари, која во облигационите односи помеѓу правни лица изнесува 14,75 отсто, а во облигационите односи од кои барем едно лице е физичко лице изнесува 12,75 отсто.