Заради балансерот на ДПМНЕ и ДУИ ќе продолжи иселувањето на младите професионалци

  • Реакција на Црвена Младина

Младите повторно се разочарани и изневерени од ДПМНЕ, кои иако ветија укинување, гласаа за продолжување на дискриминаторскиот „Балансер“ за етнички вработувања заедно со ДУИ. Ова е уште еден удар за младите, кои веќе подолго време се соочуваат со неправди и корумпирани политики кои ги тераат да ја напуштат државата.

Во нивната предизборна програма, ДПМНЕ ветуваше дека ќе го укине „Балансерот“ и ќе создаде праведни услови за вработување, базирани на знаење и способност, а не на етничка припадност. Младите се надеваа на овие промени, но ДПМНЕ повторно ги интересите на ДУИ ги стави пред интересите на младите и гласаше за формирање на собраниска комисија за мониторирање на спроведувањето на „Балансерот“. Само пратениците на #Левица застанаа на страната на младите, гласајќи против ваквата дискриминација.

Оваа соработка на ДПМНЕ со ДУИ покажува дека младите не се приоритет за нив, туку политичките договори и коалиции. Наместо да ја прифатат визијата на Левица за една изборна единица, која би овозможила вистинско претставување на младите и нивните интереси, ДПМНЕ избра да се договара со ДУИ за 2/3 мнозинство во Собранието. Ова мнозинство го искористија за да го зацврстат „Балансерот“, кој е една од причините зошто многу млади ја напуштаат Македонија.

Младите заслужуваат иднина во која ќе бидат ценети за своите способности и знаење, а не за етничката (или политичка) припадност. Со продолжувањето на „Балансерот“, ДПМНЕ и ДУИ ја продлабочуваат дискриминацијата кон младите професионалци и ги спречуваат да го најдат своето место во државните институции. Наместо да ги мотивираат да останат и да придонесат за развојот на државата, овие партии ги тераат младите да ја бараат својата иднина надвор од Македонија.

Црвена Младина се залага за итно укинување на „Балансерот“, како клучен чекор за создавање на фер услови каде младите ќе можат да напредуваат врз основа на своите квалитети! Младите мора да имаат шанса да изградат кариера и иднина во сопствената држава, без да бидат принудени да ја напуштат поради дискриминаторски политики. Само така ќе ја задржиме и изградиме иднината на Македонија!