Мециновиќ: Владата прави ребаланс на буџет по нарачка на стопанските комори
- Говорот на пратеникот Амар МЕЦИНОВИЌ по однос на ребалансот на буџетот предложен од Владата на ДПМНЕ и ЗНАМ:
„Овој ребаланс ќе отвори нова ера на рај за богатите и пекол за сиромашните!
Сите шпекулативни финансиски теории и фоскули кои тука ги вадите не само што не им значат на нашите граѓани, туку и покажуваат дека вашата економска матрица е фридманистичка. Вие низ шок терапија, пробувате општеството да го доведете до работ на функционалноста, за после вашите бизнис партнери да можат да заработуваат од таа агонија на нашите граѓани.
Тоа што вам ви е удобно да се фалите како ќе го подобрите бизнисот, кажете ни зошто 10 милиони денари има помалку за здруженијата на лицата со инвалидитет? Зошто ги намаливте даноците? И за да ги намалите, сега ќе кратите од маргинализираните и ранливите категории.
Наместо прераспределба на материјалните добра, вие одите во концентрација на материјалните добра во рацете на вашите финансиери! Овој ребаланс неминовно ќе има ефект по животот граѓаните од ранливите категории и вие ќе ја сносите таа одговорност. Ова ви е прв ребаланс, пред нас доаѓа многу битен буџет, се надевам повторно нема да биде изработен од стопанските комори.“