Масовно бегство од затворот Шутка – недостасуваат шест лица
Бегството на затворениците било пријавено вчера попладне 15-тина минути пред 18 часот. По вонредната контрола, издадена од директорот на затворот, било констатирано дека при пребројувањето недостасуваат шест лица.
Како што истакна директорот на затворот, Бобан Утковски за Канал 5, затворениците избегале преку оградата, благодарение на уништените возила кои се во самиот двор, кои затворениците-бегалци ги искористиле како еден вид на „скала“, за да ја прескокнат оградата. Директорот на затворот вети отстранување на возилата во најбрз можен рок.
Со цел да се подобри безбедноста и во иднина да нема повеќе вакви ситуации, директорот Утковски посочи дека ќе набават специјална ограда, нови рефлектори и ќе се постават дополнителни камери во затворот.
Инаку, се уште не се пронајдени четворицата затвореници, кои на 22.07 биле пријавени дека не се вратиле во затворот во Шутка, по користење слободни денови.
Пред неколку дена пак, беше пријавено дека од струмичкиот затвор избегале 23 осуденици.