Пожари и загадени езера: Апокалиптичната состојба на Македонија

Антропол: Како ја оценувате состојбата со шумските пожари во земјата и кои се вашите предлози за справување со овој проблем, со оглед на ограничените капацитети на институциите и наводите за намерно предизвикување на пожарите?

И.С:  Со пожарите сметам дека се води смислена, организирана и специјална војна со крајна цел слабеење на и онака кревките и ужасно лесно кршливи институции, и како второ и уште пострашно – тотално уништување на македонското најголемо национално богатство – шумите.
Несомнено е веќе дека пожарите се подметнати и тие најпластично ги покажаа ограничените и повеќе од скромни капацитети за гаснење, почнувајќи од човечки ресурси, па се до ужасно мал број на теренски возила.
Пожарите го покажаа децениското невложување во луѓе и опрема во ЦУК, во полураспаднатото и длабоко корумпирано ЈП Македонски Шуми и анемичното Министерство за Земјоделие, како витални сектори за одбрана од пожари и нивно гаснење. 
Пожарите го покажаа и нашиот питачки карактер на држава која е оставена без старател , па е принудена да питачи како мало дете наоколу за да добие помош во хеликотпери или авиони од соседството .
Со оглед дека ситуацијата е радикално загрижувачка, лично сметам дека под итно мора да се преземат краткорочни, непопуларни  и болни радикални мерки за обесхрабрување и демотивација на сите сегашни и идни пиромани и тоа:
– Тотална забрана за сеча на сите нивоа во цела Република во времетраење од една година (со исклучок на индустриско дрво кое и онака подлежи на специјални критериуми).
Оваа мерка е потребна за минимум да се санира катаклизмичната штета и да се забрани опожарените делови (и деловите околу нив со здрава шума) да бидат дадени за гола сеча на концесионери;
– Забрана за откуп и берба на печурки во рок од една година. Индициите се дека дел од потпалувачите намерно горат ливади за да можат подоцна на опожарените места да берат печурки;
– Во реонот каде што се имаат појавени шумски пожари, на сопствениците на тие кориин (доколку се приватни) да им се забрани користење (експлоатација) на дрвна маса во рок од 5 години, бидејќи се покажале како лоши чувари на националното благо.
Со ова сметам дека во иднина ќе се намалат пожарите за минимум 50 до 70% ;
– Драконски казни во брзи судски рочишта за сите фатени пиромани и нивно судење по чл.227 од КЗ на РМ (Тој што ќе предизвика шумски пожар па поради тоа ќе настапи штета од големи размери, ќе се казни со затвор најмалку осум години).
Според сознанијата што ги имам, во последните неколку години НИТУ ЕДЕН пироман не е осуден по овој член од КЗ, туку по чл.228 кој предвидува благи или условни казни за предизвикување општа опасност. Доказ за ова е и пресудата изречена на 8 август, со која пироман од велешко кој намерно потпалил оган е осуден на само 5 месечна затворска казна.
Ова е уште еден доказ дека ситуацијата со пожарите е резултат на еден очаен и заболен систем во кој се метастазирани сите витални органи и институции со што се стимулира хаос, безредие, и недовербата на граѓаните;
– Масовни пошумувања преку организирана државна стратегија со стручно одбрани соодветни садници за секоја од локацииите ширум Македонија !

Антропол: Колкави се последиците од шумските пожари кои се случија во последните три месеци? Што е потребно за ефективно гаснење и кaква улога играат различните институции и волонтерите во овој процес?

И.С: Според досегашните сознанија, во пожарите во последните три месеци од јуни наваму изгореле НЕВЕРОЈАТНИ И АПОКАЛИПТИЧНИ 2% од вкупната дрвна маса. Ова е фатална и ненадоместлива загуба за следните 50 до 85 години – минимален период за кој е потребно да се обнови  дрвната маса по природен пат. Сето ова, во иднина ќе предизвика сериозни микроклиматски промени – просечно зголемување на максималната темепратура, намалена количина на кислород, намалени ресурси на питка вода, променет еко систем, зголемна цена на кубик огревно дрво  и нужна и присилна миграција на дивиот жив свет во алтернативни соседни  области.
За гаснење на само еден посериозен шумски пожар нужно е активирање на еден цел конгломерат од институции и луѓе – ангажман на општински ресурси, државни ресурси, теренски возила, волонтерска локална  сила која отсекогаш била најскапоцениот дар, но и најдефицитарна и најпотценета во нашето општество.
Се се сведува на личен избор, со сопствени средства да се отиде на терен и да се гасне пожар.
Сето ова ќе има погубни последици за Македонија на среднорочен и долгорочен план!

Антропол: Каква е реалната состојба на езерото „Младост“’ во однос на неговото загадување и квалитетот на водата? Јавноста еднаш од Центарот за Јавно здравје – Велес е информирана за врвен квалитет, а сепак, глетката е лоша, а смрдеата што се шири е неподнослива.

И.С: Моменталната состојба со езерото е слична како со пожарите. Апокалиптична, фрапантна, и речиси со безнадежна иднина. Од гордата визија на ЕУ во 2019 год за „СМАРТ“ езеро, „Младост“ го претворивме во наша ужасна македонска реалност т.н. „СМРТ“ езеро „Младост“.
Потфрливме сериозно, и на визијата на нашите претходници кои го изградија во 1963 година за наводнување на плодното велешко поле.
Полно со фекалии од елитните населби, умрени алги, без кислород, без свежа вода и како што вели антологиската реченица од Хидробиолошкиот Институт од Охрид – езеро ризично по живот за луѓе, растенија и животни.
Дното е допрено! Овој пат и дното е екстремно загадено, па како што велат од Охридскиот институт и дното ќе мора да го багерираме за да излеземе од велешките фекалии.

Сакаа да го премолчат „Младост“. Просто неверојатно е што само два месеци претходно две „реномирани„ институции Центарот за Јавно здравје од Велес и лабораторијата за храна и пијалоци „ФУД ЛАБ“ излегоа со неверојатни податоци дека водата во езеро „Младост“ е одлична и со квалитет на прва класа.

Кој и зошто сакаше да ја сокрие агоничната , смртоносна вистина ?
Кој и зошто го загрози јавното здравје не илјадници граѓани на Македонија ?
И најсуштинското прашање кое моментално лебди во воздухот исто како фекалиите во езерото. Дали и кој ќе понесе одговорност ?

Два факти моментално се во центарот на вистината. Моментално на езерото „Младост“ има два колектори за одвод на фекалните води. Едниот е главен кој ги собира водите од три околни села, два хотели  и од новоизградената сателитскат населба. Вонредниот инскепциски надзор од ДИЖС утврди неверојатен факт. дека над 60% од сите субјекти не биле вклучени на овој колектор, а општинските власти не убедуваа до лани дека само една или две куќи не биле приклучени .

Антропол: Каде завршуваат фекалиите од овие објекти? Што се случи со помпезно најавуваниот проект за „СМАРТ“ езеро „Младост“?

И.С: Вториот т.н. мал колектор кој го изгради општина Велес ги собира феклаиите од објектите лоцирани од левата страна на езерото над патот. Инспекцискиот надзор од ДИЖС утврди дека при изградба на апартманскиот комплекс дел од цевките на овој колектор биле скршени без никакво знаење на јавноста. Па се претпоставува, дека во меѓувреме биле обновени .
И уште еден парадокслаен факт – Овој колектор нема сајбија. Нема стопан. Препуштен е на милост и немилост на безочната урбанизација и забрзаната бетонизација на Младост“ која е една од директните причини за предсмртната агонија. 

Околу проектот, по помалку од четири години од новогодишното обраќање на ексградоначалникот Коцевски, ситуацијата изгледа драстично поинаку. Иако се поставени смарт клупи и портата на еко-кампот изгледа како во 3Д анимациите, реалноста внатре  е разочарувачка: и покрај вложените европски средства и јавно-приватното партнерство, се соочуваме со фекалии, ѓубре и значително намалување на водата. Благо речено – 62 милиони денари од кои 55,5 милиони денари грант од ЕУ, а останатите обезбедени од општина Велес фрлени во ѓубре.

Антропол: Како советниците на Левица го оценуваат тековниот одговор на општината и градоначалникот Колев за состојбата со езерото „Младост“, особено кога веќе јасно е дека не можат да се сокријат бројните неправилности и проблемите со кои е соочено езерото?

И.С: Упорно укажувавме на алармантната состојба со езерото „Младост“ и баравме поголема одговорност од институциите. Побаравме и ИТНА седница на Совет, но арогантното мнозинство на ДПМНЕ и ДУИ одамна е оттуѓено од јавниот интерес, затворенo во својот вечен комфорен свет на идолопоклоништво, клиентелизам и партиски приоритети. Дури ни една ваква предстмртна агонија на езерото не беше доволна овие туѓинци во Македонија да свикаат итна седница.

Според најновите информации од Хидробиолошкиот Институт од Охрид, водата во езерото е во катастрофален квалитет (IV и V класа), што го загрозува здравјето на луѓето и животната средина. Иако имаше европски средства и јавно-приватно партнерство, состојбата се влошува со фекалии и ѓубре, а водата станува сѐ помалку.
И така, општината и градоначалникот Колев си продолжуваат да тврдат дека водата е одлична, што го доведува во прашање интегритетот на извештаите од лабораториите кои ја оценуваат водата како добра. Неправилностите, како што се неприклучените објекти на колекторот и недостигот на инфраструктура, дополнително ја влошуваат ситуацијата, а нам, од Левица, навистина ни е важно да се разјасни чии интереси се штитат и зошто не се преземаат соодветни мерки за решавање на проблемите со езерото.