Почна собирањето на потписи против нов загадувачки капацитет во Кавадарци
Од денес почнува собирањето на потписи како дел од неформална граѓанска иницијатива за спречување на отварањето на тешко-загадувачки капацитет за рециклажа на отпадни гуми во кругот на Индустрискиот Комбинат ФЕНИ, на парцелата на поранешната претседателка на Советот на Општина Кавадарци, Горица Пеливанова!
Вчера на јавната расправа Кавадарчани јасно кажаа дека се против отворање на било какво претпријатие од областа на Г1 тешка и загадувачка индустрија.
По јавната расправа, пратеникот Јанчев за медиумите изјави:
“Ова е уште еден пример на капиталистичка, неолиберална и расипнички логика. Целта на таа логика е профитот да се приватизира, а штетата да се социјализира.
Станува збор за центар за рециклирање на гуми од кој профит ќе имаат само приватните инвеститори и бивш висок функционер на ДПМНЕ затоа што овој центар се планира да се прави на негово земјиште.
Како аргумент за јавен интерес се користи тоа што овој центар треба да отвори триесетина работни места. Но тоа е килав аргумент затоа што потенцијалот за загрозување на животната средина и загрозување на јавното здравје што го има овој проект е НЕСРАЗМЕРНО ПОГОЛЕМ од користа од тие триесетина работни места кои се незначителна бројка за Кавадарци, а не пак за цела Македонија.”
Инвеститорите тврдат дека нема опасност од овој центар затоа што станува збор за затворен систем на рециклажа. Но, во светот има примери со проблеми и хаварии токму со ваков систем на рециклажа на гуми.
Кога има случаи од САД, Германија, Шведска и Јужна Кореја кај што има каков таков систем на заштита на животна средина и кога таму се случваат проблеми со загадување на животна средина и загрозување на јавното здравје, кај нас, каде што имаме нефункционален систем и нефункционални инспекции, можеме да замислиме до каде би отишло ова.
Сѐ на сѐ, опасностите за штета по животната средина и опасностите за загрозување на здравјето на луѓето се многу поголеми од добивките од овој проект и затоа отворањето на центар за рециклажа на гуми е многу лоша математика, стои во соопштението на партијата Левица од Кавадарци.