Левица – Велес предупредува за еколошка катастрофа на Езерото Младост! Властите незаинтересирани
Езерото Младост се соочува со еколошка катастрофа и е акумулација која умира и покрај известувањето на Општина Велес за одличниот квалитет на водата добиен од испитувањата од страна на лабораторијата ФУД ЛАБ ДОО како и ЈЗУ Центар за јавно здравје – Велес.
Во прилог на оваа изјава оди извештајот на ЈНУ Хидробиолошки завод – Охрид кој на барање на ЈПВ Лисиче извршил физичко-хемиски, микробилошки, фитопланктонски и зоопланктонски анализи од акумулацијата Младост.
Според заклучокот на овој извештај квалитетот на водата од акумулацијата Младост е со лош квалитет (IV и V класа)
Водата од сите локалитети е фекално и органски загадена и ризична за опстанокот на живиот свет во акумулацијата, ризична по здравјето на капачите како и за останата намена за потребите на хуманата популација односно -акумулацијата умира.
Како проблем од страна на Хидробиолошки завод е наведен и непостоечкиот дотур на вода за акумулацијата кој би влијаел на подобрување на квалитетот на водата.
Дополнително и Државниот инспекторат за животна средина излезе со соопштение по извршениот инспекциски надзор на локалитет велешко Езеро Младост каде што се утврдени бројни недостатоци во однос на правните субјекти во околината на езерото, како и на ЈКП Дервен кој управува со Регионалниот колектор за фекална канализација за населените места Кумарино, Сојаклари, Отовица и Сателитска населба на езеро Младост, а кој е изграден за да ги одведе комуналните отпадни води и да го заштити езерото од загадување.
Неприклучени објекти на колекторот, незаконска наплата од страна на ЈКП Дервен кој нема одлука од совет за управување со колекторот, затрупани шахти со значителни количини на земја кои оневозможуваат увид , не поседување на дел од објектите на Елаборат за заштита на животната средина, неодговорност на Општината со неовозможување на инфраструктура за одведување на отпадните води при издадено одобрение за градба, дефект на колекторот при извршување на градежни работи за кој Општината и ЈКП Дервен направиле увид но не е изготвена никаква документација се само дел од неправилностите утврдени од страна на ДИЖС.
Иако советниците на Левица константно укажуваа на состојбата со езерото и апелираа на поголема одговорност од институциите сепак Општината и градоначалникот Колев незаинтересирани за проблемите со кои се соочува целиот екосистем на локалитетот ги убедуваа граѓаните дека водата е одлична.
Дополнително се ставаат под сомнеж и извештаите од лабораториите кои ја испитуваа водата на иницијатива на Општината и ја проценија водата како одлична и покрај евидентно загадениот изглед кој веќе и микробиолошки е потврден од лабораторија која не е со договор од Општината.
Чии интереси штити градоначалникот?
Зошто Општината не постапува согласно известувањата на ДИЖС, кои како и минатата 2023 така и оваа година алармираат за состојбата со езерото која е сериозна, што е потврдено и со Извештајот на Хидробиолошкиот Институт од Охрид?