Левица: Поранешен затвореник стана заменик директор на затворот Идризово
- Реакција на Политичката партија Левица
Новата Влада на ДПМНЕ и ЗНАМ продолжуваат ‘како до сега‘, па наместо изнаоѓање на решенија за проблемите, добиваме кадровски решенија кои ги продлабочуваат истите!
Имено, по предлог на в.д. директорот на Управата за извршување на санкции, Александар Пандов (кој противзаконски е назначен на оваа функција), предложен е Ибрахим Ељези за в.д заменик директор на КПД Идризово.
Ова лице било осудено и лежело повеќе од 4 години затвор за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични супстанци! Кадарот од коалицијата ВРЕДИ, којшто нема ниту соодветно образование, ниту пак исполнува некој од условите за оваа функција, назначен за в.д. заменик директор од Мицкоски, затворската казна ја отслужувал токму во КПД Идризово.
Вчера Левица извести дека лице за кое ДПМНЕ претходно поднело кривична пријава (поранешен член на СДС, а актуелно, член на ЗНАМ) е назначено за директор на КПД Прилеп!
Но, не помалку интересно е дека во јавноста кружат видео снимки од новиот в.д. Директор на КПУ затвор Струмица заедно со неговата сопруга (вработена во КПУ затвор Струмица) како барале мито од затворениците за да добијат правна помош и барање за помилување! Овој случај е веќе претходно пријавен во МВР и отпочната е постапка во ОЈО, но сѐ уште нема правна завршница.
Уште во првиот месец од владеењето на ДПМНЕ и ЗНАМ, македонските институции наместо најавените чесни кадри, добија нешто сосема поинакво!
При формирањето на владиниот состав, бевме сведоци како Мицкоски во својот кабинет сместува луѓе од поранешни кадри на криминалната влада на СДС, до милионери коишто не знаат македонски јазик. За жал, ова не застана овде, па партиски кадри обвинети и осудени за криминал, противзаконски се назначуваат за директори на различни институции.