Граѓаните не веруваат во Лабораториските резултати дека водата во езерото „Младост“ е чиста
Општина Велес ги објави резултатите од испитувањата на површинските води кои ги извршија две лаборатории, независно една од друга, и тоа: акредитираната лабoраторија „Фуд лаб“ од Скопје која ја испитувала водата на четири плажи, и Центарот за јавно здравје Велес (ЦЈЗ) за две плажи. Резултатите од анализата на водата на Eзерото Младост во Велес покажуваат дека е исправна и дека може да се користи за капење и рекреација, освен една плажа.
Претходно Д-р Снежана Петрова од Центарот за јавно здравје уште пред еден месец кажа дека материјата која плива по езерото не е опасна и штетна, освен што е грда слика и треба да се отстрани.
Имајќи ја во предвид сликата како изгледа езерото „Младост“ и каква миризба и дијареа се шири од истото, тешко дека некој во јавноста ќе поверува во овие резултати. Први по однос на ова се огласија Советниците од редовите на Левица, кои изминатиов период бараа да се направи анализа и да се објасни на јавноста што се случува со велешкото езеро.
„Се сеќавате пред неколку месеци кога поранешниот министер Битиќи не убедуваше дека патот кон езеро Младост е меѓу подобрите туристички патишта во Европа и покрај тоа што е тесен т.е нема две коловозни ленти! – Епа сега сакаат да не убедат дека водата во езеро е ‘стакло’ чиста и покрај тоа што повеќе од очигледно е дека не е така“, напиша Димитар Абрашев – Советник во Општина Велес.
На неговата критика се надоврза и долгогодишниот еко-активист и Советник – Игор Смилев, којшто беше еден од носителите во битката да не биде исечена шумата околу езерото со цел да бидат изградени згради, процес во чија реализација се пушти локалната власт на ДПМНЕ. Тој саркастично повика на „масовно капење“.
Езерото Младост не смрдело бе од фекалиите, туку од одвратниот и гаден систем. (…) Додуша, една (од четирите локации) била со фекалии , ама тоа не ја разбива идиличната , бистра, и тиркизна боја на МЛАДОСТ благословено создадена од прекрасното, континуирано цветање на волшебните алги кои не престануваат да не изненадуваат со раскошната палета на бои во текот на сите годишни времиња“, напиша советникот Смилев
Центарот за јавно здравје Велес ја испитувал водата од две плажи, плажата „Романтик“ и Градска плажа каде испитувањата покажале дека водата е микробиолошка одлична, а според физичко-хемиските својства, може да се користи за капење и рекреација. За жал, сликата на која можеме да посведочиме изгледа сосема поинаку.