АктуелноИнтервју

Деветтата уметност како животна пасија и професионална мисија

Интервју со Игор Јовчевски, илустратор за детска литература, автор на деветтата уметност, 7 стрип албуми и повеќе збирки со илустрации

Антропол: Како вашата детска љубов кон цртањето прерасна во професионална кариера во светот на стриповите?

И.Ј: Цртам откако паметам за себе. Од најмала возраст најголема занимација ми беа листовите хартија и боиците, фломастерите. Се сеќавам дека во деновите кога одев во градинка редовно мои цртежи беа изложувани на големите паноа. Вистинското откровение дојде некаде кога имав 9-10 години кога на излогот од киоскот кој беше најблиску до нашата зграда видов насловна страна од стрипот Тарзан. Тоа беше најубавото нешто што дотогаш го имав видено. Веднаш го купив и така ја открив мојата пасија со деветтата уметност и мојата прва желба кога ке пораснам да знам да цртам како ,,чичковците” кои го цртале Тарзан. Со текот на годините дел од тие автори станаа и мои пријатели и колеги на мое огромно задоволство. Оваа насловна страна буквално ми го дефинираше патот кон мојата кариера.

Антропол: Како се развиваше вашата уметничка кариера низ годините, од вашите почетоци до денес, и кои проекти би ги издвоиле како најзначајни?

И.Ј: Професионално се занимавам со цртање од 2004та година, така што еве оваа година славам 20 години. Главна илустраторска работа ми се изданијата на издавачката куќа ,,Едука Мак” каде што цртам детска литература, а останатото време го посветувам на стрипот и илустрациите за повозрасна публика. Досега имам издадено повеќе стрип албуми и збирки со илустрации кои хронолошки вака би се движеле: ,,Кратки резови” (2009), ,,Меч, магија, колт и стетсон” (2012), ,,Чуварите на вечната светлина” (2014), ,,Ајвармен” (2015), ,,Црно на бело” (2017), ,,Вестерн колекција” (2020) и ,,Кантана” (2023).

Антропол:  Кажете ни повеќе за тековните проекти на кои работите и што читателите можат да очекуваат од новите изданија?

И.Ј: Во моментов паралелно работам и на стрип и на илустрации од кои се надевам дека ке се изродат две изданија, едното во форма на стрип, а другото како книга со илустрации. Стрипот би бил некакво продолжение на вестерн колекцијата од 2020 година, значи повторно ќе биде збирка од кратки вестерн стории. А книгата со илустрации би била по формат слична на збирката ,,Црно На Бело” и работниот наслов и е ,,Музика и Филм”. Ќе содржи илустрации од познати музички и филмски ѕвезди претежно од историјата на музиката и филмот или звезди кои оставиле печат во музичката и филмската индустрија како на пример Елвис Присли, Џони Кеш, Дејвид Боуви, Клинт Иствуд, Мерилин Монро и многу други. Се надевам дека во наредните 2-3 години ќе успеам да ги реализирам двете изданија.

Антропол:  Како вашето учество на меѓународни стрип фестивали и освоените награди влијаат на вашата кариера и на промоцијата на македонскиот стрип на глобално ниво?

И.Ј: Низ годините сум учествувал на многу фестивали надвор од Македонија (претежно Србија, Хрватска,…) каде сум го претставувал македонскиот стрип, македонските автори, изданија итн. на најдобар можен начин. Имам освоено и неколку награди токму на тие фестивали. Пред неполни две недели со мојот колега и соборец Никола Темков се вративме од Лесковац, Србија каде учествувавме на најстариот стрип фестивал на Балканот, 26ти по ред и каде што го презентиравме најновото издание од нашата издавачка куќа ,,Стрип Квадрат”, а тоа е двобројот од стрип магазинот ,,Деветка”. Учеството на овие фестивали секогаш имаат позитивно влијание и некако повеќе или помалку влијаат на креативноста и инспирацијата кај авторите. Многу често доаѓа и до соработки помеѓу автори од различни земји. Еден може да пишува, друг да црта, трет да бои, а сите тројца автори да се од различни земји. Таквите соработки се секогаш корисни и добредојдени. Самата размена на искуства, мислења, идеи, е нешто кое секогаш влијае позитивно во креативна смисла кај авторите.

Антропол: Во Скопје веќе некое време се одржува првиот фестивал ,,Стрип Трип” кој ја претставува деветтата уметност. Дали е тешко да се организира нешто вакво? Дали релевантните институции ја препознаваат неговата вредност и нудат финансиска поддршка?

И.Ј: Многу сум среќен и возбуден што веќе две години овде во Скопје се одржува стрип фестивалот ,,Стрип Трип” кој има сериозна тенденција да прерасне во традиционален, квалитетен и посетен стрип фестивал. Со други зборови, дводневен празник за сите љубители на стрипот во Македонија. Жално е само тоа што фестивалот оваа година не беше поддржан ни од Министерството за култура, ни од град Скопје, што доволно кажува за нивниот слух кога станува збор за стрипот и неговото значење. Но, ете, се најде начин да се истуркаат работите до крај и се случи второто издание на ,,Стрип Трип”. Се надеваме дека во иднина ќе се сменат работите на подобро и ќе се најде некој кој ќе ја знае и разбира вистинската вредност на стрипот.
Делот од организацијата на првото издание (минатата година) беше МКЦ (сето тоа се случи на нивна иницијатива). Ние од стрип фелата (автори, љубители,…) помогнавме од страна околу гости, содржини итн. Оваа година би рекол дека здружението ,,Макстрипови” најмногу се заложи околу организациската работа заедно со стрип книжарата ,,Бункер”. Тука нормално со простор повторно се најдоа и помогнаа МКЦ. Нормално и нашата издавачка куќа ,,Стрип Квадрат” се најде во дел од организирањето, но и во делот за наградите каде учествувавме со награди во форма на стрипови ид нашето издаваштво во износ од 3000 денари. Што се однесува до мене, секое наредно издание на фестивалот би го поддржал и би помогнал во рамките на можностите.