АктуелноЛокално

Вo петок започнува традиционалната Галичка свадба

Почнувајки од петок (12 јули) до недела, во Галичник ќе се одржува традиционалната Галичка свадба. Манифестацијата секоја година ги промовира уникатните свадбарски обичаи и ритуали, колоритот на народните носии, изворните песни и автентичните ора карактеристични за галичкиот регион.

Годинава, невеста ќе биде Стефана Димитрова, која е по потекло од Галичник, а младоженец Даријан Кочоски, кои ќе се венчаат на 14 јули. Двајцата и досега биле учесници на Галичка свадба.

Првата Галичка свадба се одржа во 1963, а досега настанот имал 50 изданија. Традиционално, почетокот на свадбениот обред вечерта на 13 јули ќе го означи побратимот со „фрлање“ на три пушки и со виорење и поставување на свадбениот бајрак. Вечерта продолжува со останатите обичаи: пречек на тапаните, свекрвиното оро, а членовите на „Танец“ ќе го одиграат симболичното „Тешкото“.

Денот на венчавката ќе го обележат атрактивните свадбени обреди и обичаи, како канењето на кумот, бричењето на зетот, гледањето низ прстен, пречекот на сватовите, земањето на невестата, дарувањето и други. Венчавањето ќе биде во храмот „Св. Апостоли Петар и Павле“.