АктуелноЛокално

Дали локалната власт е неспособна или е безволна да ги реши проблемите на селата Пезово и Кокошиње

  • Реакција на Левица-Куманово

Нашиот советник Никола Лазаревски заедно со активисти на Левица Куманово остварија средба со месните заедници на селата Пезово и Кокошиње да разговараат на теми поврзани со нивните потешкотии во живеењето.

Жителите на село Пезово многу јасно и конкретно нагласија дека главниот проблем е патот кој води до самото село. Селото е живо и активно и на самиот состанок присуствуваа над 30 жители и сопственици на викендици. Луѓето велат дека станува збор за делница од 4 километри, пат кој е тежок за одење и потребни се над 1 час одење за да се стигне до автобуската постојка на главниот пат. Тие нагласија дека само во трите години откако е тампониран патот се имаат изградено најмалку 8 до 9 викендици во тој период, што е показател дека заинтересираноста на луѓето да се враќаат во местата од кои потекнуваат е голема но и без тоа едноставно велат поразително е што такво активно село како нивното да нема асфалтиран пат и просто не може да се функционира.

На средбата со жителите на село Кокошиње ни беше потенцирано дека патот кој води до селото жителите го имаат тампонирано исклучиво со свои средства но и дека секако постои желба патот да биде асфалтиран, барања биле поднесувани од страна на жителите но секогаш наидувале на институционални препреки.

Голем проблем кој го имаат жителите на Кокошиње е и водата која едноставно ја нема во селото, селската чешма е пресушена и луѓето едноставно се оставени да се снаоѓаат индивидуално. Неколкумина жители кои чуваат стока, на поење мораат да ја водат во соседно Павлешенце поради проблемот со вода.

Од локалните власти досега им се давани секакви ветувања за проекти за водоснабдување, за асфалтиран пат до селото но досега има останато само на тоа, празни ветувања.

Жителите посочуваат дека наводно општина Свети Николе им има нудено финансиска помош за асфалтирање на патот додека од општина Куманово се потполно заборавени.

Краен проблем е тоа што при креирање на линиите за јавен превоз, Кокошиње, како последно кумановско село во правецот накај Свети Николе, е заборавено и тие немаат автобуска линија, со што ако немаат свое возило тие се всушност потполно отсечени од градот.

Жителите и на двете села се потполно разочарани од досегашниот пристап кој локалната власт го имала кон нив, од игнорантскиот пристап и од целосното занемарување на нивните есенцијални потреби.

Левица застанува со целосна подршка до жителите на двете села и целосно се залага за решавање на децениските проблеми на жителите на Пезово и Кокошиње!