Никола Пијанманов, автор на скулптурите за официјални награди за „Астерфест“

Годинешното 19 то издание на меѓународниот филмски фестивал „АстерФест“ ќе се одржи од 1 до 5 ти август во Струмица, под мотото „Кинореалност ’24“.

Фестивалот што постои од 2005 година и е основан од неговиот уметнички директор Горан Тренчовски, е посветен на професионалната култура на краток и документарен филм и ја истакнуваат нејзината афирмација, популаризација и валоризација кај публиката.

АстерФест е филмски фестивал кој се фокусира на белетристика, документарни и фиктивни кратки дела на филмски автори кои доаѓаат или живеат во евроатлантскиот регион и другите светски меридијани.

Познатиот македонски уметник Никола Пијанманов, кој е и член на овогодишното интернационално филмско жири на „Астерфест“, изработи уникатни скулптури што од оваа година ќе бидат официјални награди за лауреатите на „Астерфест“, добитници на „Астер“, „Златна“, „Сребрена“ и „Бронзена потковица“ и Гран при на Фестивалот.

Жирито во кое, покрај Пијанманов од Македонија, членуваат и Зејгам Азизов од Велика Британија и Ганимет Сава од Косово, ќе одлучува за најдобрите авторски кусометражни филмови во натпреварувачката програма.

Покрај овие награди, ќе се доделат и специјалните плакети „Ацо Алексов“ за најдобар автор и „Ѓорѓи Абаџиев“ за најдобро сценарио.