Све е исто само њега њама

  • Пишува: Мери Георгиевска – Доктор на науки по репутација и менаџмент на Културните институции во РМ и Kоординатор во Акадeмскиот Сенат на Левица

Колку е часот по северномакедонско време?

Колку е часот по северномакедонско време премиере? И дали по тоа време ќе го отворате уставот на РМ?!
По тоа што не го испочитувавте Уставното име на заклетвата, можно е и да не го испочитувате Уставот/Конституцијата на РМ!

Сериозни луѓе на власт го почитуваат уставот (Конституцијата). Дилетантите – го толкуваат.
Тие, луѓето на власт се толку занесени од престиж и од својата моќ (за немоќта подолу), што мислат дека Уставот или Конституцијата е тука за да им служи нив, а не тие на Контитуцијата (Уставот).

Сериозни луѓе кога доаѓаат на власт, мора, ама мора да го познаваат семантичкото значење на зборот Устав.
Зборот „устав“ доаѓа од српскиот збор – устав или на македонски јазик „брана“!?
Тоа значи ограничување на власта. Извршната, законодавната и судската.

Цивилизираните народи низ Европа, во недостиг на автентичен збор, го употребуваат латинскиот збор- конституција!

Властите на изминатата над тридецениска транзиција го минимализираа значењето на Уставот (чест на поединци).

Сериозните луѓе знаат од историските лекции по трагедија, дека ненаучената лекција може да се повтори и тоа многу лошо.
Кога станува збор за луѓе/дилетанти на власт, тие најмногу се плашат од власта што им е дадена и лесно посегаат по нејзините интрументи на репресија. 
И тоа без анестезија.
Дилетантите прават трагедии зошто не ја знаат лекцијата. Отсуствувале од час по историја.

Многу државници, за разлика од нашиве ги познавале своите устави бравурозно. (На пример Сталин, Уставот на СССР го познавал бравурозно).

Ај баш да видиме колку е часот по ваше време премиере!?
Macedonia Timeless во денешен превод би било „Времена Северна Македонија“.
Она што во времето на Грујо беше безвремено и грдни пари се дадоа за промоција на безвременото, сега неговите луѓе го нарекуваат Времено северџанство. Кога нешто е времено, значи има рок на траење и крај на рокот.

До кога е рокот на нашава држава и до кога ќе си играте со нејзиното достоинство, интегритет и најважно со народот???

Вчера бев до Кам маркет. Една жена, не многу возрасна, излезе со плачење. Ми вели 3000 денари дадов за овие продукти (ми покажа нешто што купила, неколку нешта неопходни за живот).
Ако народот го доведовте до солзи, дали треба да си помислиме дека истиот тој народ кој наводно ве изгласа, сега ќе коленичи за парче леб!?

И дали од сега ако важеше девизата на Марија Антоанета: „Ако немате леб, јадете колачи“, од сега ќе важи: „Ако немате леб, изедете го часовникот на премиерот или фотоволтаици“ скраја да е.
народот сакајќи да го сруши Сдс, уште недојдени на власт ве презира. Зошто, патем избра безобразно ист пакет, па дури и со иста машна. Као да идете од Поп Шоп и да купите ист Еарфраер, кој сте го фрлиле пред 7 месеци, затоа што стариот фатил р’ѓа. Па уште ви ја врзуваат истата машна. Иста боја. Портокалова.

Дали случајно ви заличи премиерот со портокаловата машна и лопатата на некого? Секоја сличност со Груевски е намерна. После него се наредија неколку градоначалници од Дпмне и некои министри со иста портокалова машна. Чуму?? Загатка, цел да се допаднете на народот или мемоманипулација/асоцијација – намерна индукција врз народот од времето на владеењето на Грујо?? Опасни игри.

Која би била пораката?

Демек портокалово иде на све?

Не би рекла, тоа ми е испечен занает. Имам две републички награди добиено за тој занает, и точно знам дека портокалово не иде на све.

На лопата иде дефинитивно. Веќе проверено од времето на Груевски. Но на човек кој љуби да носи часовници од 65.000 евра, и кој знае уште колку ги поседува (веројатно на сите ни се смешка на оваа сума, зошто човек кој љуби колекции, нема само две парчиња, има колекција), на таков часовник лопата јок! Или лопата или буржоазија! Не може буржоазија со лопата.

Искрено си мислев нема полошо од тоа Мухич да те прогласи на скалите на Собранието за премиер, но ете имало полошо. Секогаш имало полошо.
 
Замислете, премиерот бил немоќен. Тоа беше првата реченица адресирана до неговите избирачи.
П р в а т а !! Па ова не е возможно!?

Во парламентот да се обратиш со просто проширена реченица, ПРВА ЛЕГИТИМНА РЕЧЕНИЦА, во која искажуваш немоќ (наместо моќ) на твоите гласачи. Е па драги мои гласачи, човек со немоќ бара помош. Прво ја средува немоќта, која може да има рок на траење или може да биде хронична, зима потребни витамини, одмара уште седум години (оди на бања, по гатачки, и сл.) па ако е преамбициозен може и да ја врати моќта. Дури тогаш му се презентира на народот.
Оваа немоќ, да не беше многу смешна ќе беше трагична. Е никогаш не било доцна за трагедија.
Веднаш по него, акутно снемаа моќ сите министри на новата влада. Некоја чудна заразна моќна немоќ.
 
Снемајќи моќ, сите си повторуваа она што спикерот Гаши им го диктираше и како попчиња си се заколнаа,  пеејќи ја песната Северна Македонијо, ти си срамот балкански.

Сега не можеле. Ами кога бе луѓенца?
Сега му беше и мајката и таткото. Утре нема. Нема вчера, нема утре. Има само сега. Кога ќе го утнеш моментот готово е. Па уште лабаво да си кажеш дека си немоќен…..немам коментар веќе.

Го утнаа моментот, ама важно е дека беа испеглани, крцкаа со ветување дека и понатаму ќе крцкаат со скапите автомобили, нафта и шофери, се на товар на нашата Македонија.

Замислете да дојдеа со точак првиот работен ден.
Замислете, ако можете.

А бе замислете да се заколнеа на Република Македонија?!

Што ќе изгубеа? Клин се клином избија. Стравот со страв се избива. Немоќта ќе имаше разорна моќ. Замислете што ќе се случеше.
Со тоа што самите себеси се предадоа, нивните ветувања дека ќе го користат името Република Македонија, паднаа во бездната, ги предадоа гласачите.

Да бидеме реални, и да го бараме невозможното е неприлично.
Можеби дел од гласачите ги интересираше економијата, болниците, цените на храната, струјата, сметките на врата и сл.
Е па струјата поскапе, цените на храната не само што не паднаа, туку вртоглаво растат, а во болница да не ни даде Бог да стапнеме.
Е сега, рано било. Ок, но ако е рано да се критикува во првите 100 дена, па да ви кажам право невкусно е што во првите 3 дена веднаш, наместо солуции се браните со неспособноста на минатата влада. Таа е крива за се.
Веќе видено.
Ништо ново во нашата Македонија.

Се е исто, само њега њама.