АктуелноИнтервју

„Бехтел и Енка“ директно го уништува живеалиштето на пеперутката Чингова окатка

Интервју со Кирил Арсовски – Пржо, ентомолог истражувач и главен уредник на „Дома“

Антропол: Може ли да ни раскажете повеќе за Македонската Сивка (Чинговската Окатка) и нејзината важност за екосистемот во Македонија? Што ја прави оваа пеперутка толку уникатна?

К. А.: Македонската сивка, или чингова окатка (Pseudochazara cingovskii) е вид дневна пеперутка од семејството Nymphalidae. Сивката е македонски стеноендемит. Стеноендемити се видови кои населуваат само мали, ограничени географски простори. Сивката живее само на карпестите ридови на и околу Плетвар и и никаде на друго место во светот. Годишно произведува само една генерација која поминува низ сите фази на метаморфоза од јајце до возрасна единка, а фазата на имаго, односно оформена пеперутка, ја достигнува во месеците јули и август.

Во однос на нејзината дистрибуција во просторот сивката е изразито специјализиран вид кој егзистира на строго определен тип живеалишта кои се ограничени на мермерни карпести падини каде што е совршено камуфлирана со сивата боја на долниот дел од крилјата. Пеперутките се изразито седентарни, односно летаат на многу мал простор и ретко се впуштаат подалеку од живеалиштето. Типично живеалиште за сивката се карпести падини делумно обраснати со трева и ниски грмушки на надморска височина помеѓу 1.000 и 1.200 метри. Тие се активни само во најраните утрински часови во денот.

Антропол: Коja е сегашната состојба на популацијата на Македонската сивка и кои се главните предизвици со кои се соочува?

К. А.: Македонската сивка спаѓа меѓу најзагрозените пеперутки во Европа. На Црвената листа на загрозени видови на IUCN сивката е во категоријата на Критично загрозени видови кои се под закана од исчезнување. Со теренски истражувања е констатирано дека нејзиниот број во континуитет се намалува, а според последните проценки направени во 2012 година, вкупниот број на единки изнесувал околу 10.000.

Последното истражување на терен, направено во 2012 година од тим на национални и меѓународни ентомолози, покажало намалување на популацијата на македонската сивка до 30%. Во студијата, 5 од 7 локации означени како дом на сивката докажано е дека се претворени во каменоломи за мермер. Но, освен ова постојат и посетители на Плетвар кои ја ловат македонската сивка, а потоа, во форма на препариран трофеј, ја поставуваат на интернет за продажба. Во неколку европски земји има трговски друштва и веб-страници на кои може да се купи примерок од една од најретките и најзагрозените пеперутки во Европа за само околу 30 евра.

Антропол: Како интензивното ископување на мермер од страна на компанијата „Бехтел и Енка” го загрозува живеалиштето на Македонската Сивка? Може ли да ги објасните конкретните влијанија врз пеперутката и нејзината околина?

К. А.: Отворањето на нови ископи и каменоломи директно го уништува живеалиштетото на сивката. Ова значи сивката го губи физички домот каде живее и просторот кој го населува. Загубата на сивката значи неповратно губење на цел вид од македонската фауна. Не постои начин сивката да се насели на друг простор. Таа е тесно врзана со локалната популација.

Антропол: Кои мерки треба да се преземат за да се заштити оваа пеперутка и нејзиното живеалиште? Како може јавноста да помогне во оваа борба за зачувување?

К.А.: Најефикасен начин да се заштити сивката е преку заштита на нејзиниот хабитат и потребните ресурси. Ова би значело заштита на Плетвар како подрачје со високи природни вредности. Ова не е некоја новост, зошто Плетавр веќе со децении се наоѓа на неколку предлог листи за заштита и пореди биолошките и поради геолошките вредности. Со прогласување на Плетвар за подрачје под заштита се ограничува можноста за идни уништување на природата.

Извор: ИКС, Автор: Велиан Јагев

Антропол: Каква улога игра локалната заедница во заштитата на Македонската Сивка и дали се преземаат активности на терен за да се спречи понатамошно уништување на нејзиното живеалиште?

К. А.: Улогата на локалнота заедница е секогаш клучна во заштитата на видовите. Нивната улога може да се подели на неколку аспекти:
– директно набљудување и мониторирање на состојбата на сивката и алармирање на институциите
– лобирање и барање на заштита на целиот регион кон институциите
– придонесување на научните зафати кон заштита на видот.