Силјановска барала поништување на конкурсот на кој Муцунски бил незаконски избран за асистент
Начинот на кој бил избран Тимчо Муцунски за асистент-докторанд на правниот факултет е правно контроверзен. Кога на 26.10.2015 година Наставно научниот совет на Правниот факултет во Скопје расправал за донесување одлука за избор на м-р Тимчо Муцунски за асистент-докторанд на научната област римско право, повеќе професори укажале на бројни нерегуларности и незаконитости. Меѓу професорите кои се спротиставиле на незаконскиот избор била и проф. д-р Гордана Силјановска, актуелната носителка на листа на ВМРО-ДПМНЕ во ИЕ1, на која Тимчо Муцунски се наоѓа веднаш под неа, на второ место.
Според Записникот до кој дојде нашата редакција, проф. д-р Гордана Силјановска Давкова се придружила на групата професори кои сметале дека постапката за избор на Тимчо Муцунски е спротивна на Законот за високо образование и на правилата за избор на УКИМ, и барала конкурсот да се поништи:
„Проф.д-р Гордана Силјановска Давкова истакна дека поради тоа што постапката за избор на асистент-докторанд на научната област римско право (реторика и правна реторика) е спротивна на член 125-а, член 131 и член 132 од ЗВО и член 42 од Правилникот за критериумите и постапката за избор во наставно-научни, научни, наставно-стручни и соработнички звања и асистенти-докторанди на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ во Скопје, Конкурсот треба да се поништи…“ – стои во Записникот.
Во записникот стои и дека Силјановска „предлага да се поништи одлуката за формирање на Рецензиона комисија за избор на асистент-докторанд на научната област римско право (реторика и правна реторика), затоа што преседан во кршење на закон, не е преседан“.
Интересно е дека законитоста на изборот на Муцунски ја оспорувал уште еден актуелен кандидат за пратеник од ИЕ 1, Димитар Апасиев, носител на листата на „Левица“. Апасиев поднел Приговор на објавениот реферат за избор на м-р Тимчо Муцунски за соработник во соработничко звање „асистент-докторант“ на научната област римско право (реторика и правна реторика). Во Приговорот, Апасиев изнел дека Муцунски „нема завршено Втор циклус студии од соодветната област Римско право“, дека „е запишан и на сосема несоодветна насока на Трет циклус (докторски) студии“, дека никогаш не бил ангажиран како демонстратор или помлад асистент во областа за која се предлага да биде избран, дека „кандидатот досега никаде нема ниту еден единствен објавен авторски труд во областа“ и уште низа други законски неправилности во постапката.
Но, рецензентската комисија му возвратила дека „со Приговорот подносителот го злоупотребил правото на приговор и дека Приговорот е злонамерен“ и дека „со дел од наводите во Приговорот се повредува достоинството на рецензентите и на учесниците во постапката, односно во Приговорот се содржани и клевети и невистини“. Членови на рецензентската комисија биле Д-р Владо Бучковски, Д-р Гоце Наумовски, и. Д-р Есин Кранли Бајрам.
И покрај спротиставувањето на Силјановска, Апасиев и повеќе други професори кои укажувале на незаконитости, деканот на Факултетот ја ставил точката за избор на асистент-докторанд на гласање и „со 42 гласа „за“, 7 “против“ и 2 “воздржани“, Наставно-научниот совет го избрал м-р Тимчо Муцунски за асистент-докторанд на научната област римско право.
Две седмици подоцна Муцунски е избран за нов заменик министер за информатичко општество и администрација. Во биографијата на Муцунски тогаш стои дека е астистент-докторанд.
Во насловот на биографијата на Фејсбук страницата на Тимчо Муцунски пишува „Не смее да има компромис со законот“. Но, Проф.д-р Гордана Силјановска Давкова тврдела дека имало кршење на законот при неговиот избор за асистент-докторанд.
Давкова во кампањата за претседателските избори постојано тврди дека „се бори за владеење на правото за сите“! Оттука логично се поставува прашањето како дозволила Силјановска Давкова на листата веднаш под нејзиното име да стои името на Тимчо Муцунски, чиј избор на асистент го сметала за кршење на законот?