Горењето на депонијата – горлив проблем на кочанчани
Интервју со Жаклина Филипова – Свеќаровска, советник во општина Кочани и координатор на образовниот сектор на Левица
Антропол: Каква е состојбата со депониите во Македонија и кои се специфичните предизвици со кои се соочува депонијата во Кочани?
Ж.С.: Сите депонии на територија на државата, со исклучок на Дрисла, се диви депонии кои работат надвор од стандардите за управување со отпад. Местото на кое што со децении наназад се депонира отпадот што го изѓубрува КЈП „Водовод“ од Кочани е сместено во подножјето на Осоговските Планини, на десната страна од патот кон туристичкиот центар Пониква, во непосредна близина на селото Бели.
Со години наназад депонијата е проблем со кој се соочуваат граѓаните на општина Кочани. Не е реткост таа да се самозапалува или да биде (не)намерно запалена од лица кои на таа локација на несоодветен начин се обидуваат да преработат дел од отпадот, на пр. палејќи автомобилски гуми за да ги извадат металните жици вградени во нив.
До пред неколку години самозапалувањето на депонијата беше спречувано или барем намалено така што истата беше третирана со алги. Меѓутоа, проблемот драстично ескалира по принудното претворање на оваа депонија во неформална регионална депонија.
Антропол: Во тек е реализација на проект за изградба на регионална депонија. Како тоа влијае на проблемот со депонијата во Кочани?
Ж.С.: Поради нестручноста и немањето холистички пристап при реализација на проектот за изградба на регионална депонија, со проект финансиран со пари од европските фондови, затворени се депониите во помалите општини околу Кочани, а регионалната депонија не само што не е завршена, туку ниту не е почната да се гради.
Властите преземаат ад хок решение и отпадот од општините: Зрновци, Чешиново- Облешево и Виница каде што депониите веќе се затворени, се пренасочува кон депонијата во Кочани. Во пракса ова значи дополнителни 30.000 м“ отпад на кочанската депонија која и без ова тешко се справуваше со отпадот, т.е. со неговото самозапалување. Практично, она што треба да биде решение, во моментов го влошува проблемот.
Антропол: Кои се последиците од лошото менаџирање на комуналното јавно претпријатие и како локалните власти реагираа на проблемот?
Ж.С.: Локалните власти место да го решаваат, најпрво инфантилно го негираа постоењето на проблемот, веројатно од причина што никако не успеваат да го менаџираат комуналното јавно претпријатие на чие чело за две години се сменија тројца директори, за истото 2023 година да ја заврши со минусно салдо од околу 70 милиони денара (истата таа 2023 година предвидоа и реализираа 20 милиони денара за привремени вработувања). При излагања на оваа тема пред Советот на општина Кочани дури беа изговорени небулози од типот дека на депонијата се подметнуваат пожари поради изборите, без да кажат дали овие сомневања се процесуирани со пријава до јавното обвинителство како и дека виновни се луѓето кои живеат на маргините од општеството и кои пребаруваат низ отпадот за да преживеат, а дека сите институции на територија на општина Кочани се немоќни пред нив. Изнесено беше дека МВР одбива да постапува и покрај бројни пријави против овие наводни сторители, но не беше одговорено зошто депонијата не е ниту оградена, ниту осветлена, ниту обезбедена со чуварска служба.
Антропол: Како реагираа жителите на Кочани и Бели на проблемот со депонијата и какви активности беа преземени од нивна страна?
Ж.С.: Жителите на Бели и Кочани јавно го искажаа своето незадоволство во неколку наврати- еднаш преку собир пред управната зграда на КЈП Водовод, другпат преку неколкудневна блокада на патот кон депонијата и третпат преку протестен собир одржан пред неколку дена. Јасно како ден е дека општина Кочани и комуналното претпријатие немаат сила да се справат со проблемот. Јасно е дека е нужно да добијат помош од државата која е носител на проектот за изградба на регионална депонија и непосредно е одговорна за немањето ред во реализацијата на тој проект.
Антропол: Кои се вашите ставови и активности како советник од Левица во врска со проблемот со депонијата и каква е вашата порака до власта?
Ж. С.: Не е јасно зошто ниту еден од до скоро двајцата кочански пратеници од кои едниот, Миле Лефков, троши втор мандат во Собранието на Република Македонија, а другата- Марија Ангелова, троши народни пари за апанажа од околу 100.000 денари месечно, изминатите години не потрошиле ронка време да се зафатат со решавање на проблемот преку иницијатива за покривање на празнината во регулативата поради која кочанската депонија е оптоварена со дополнителен отпад без денар дополнителни средства за да може да го менаџира истиот.
Недозволиво е граѓаните да дишат отрови и опасноста од проширување на пожарот да им виси над главата како Демоклов меч. Состојбата е алармантна и истата бара итни и оперативни решенија, а не политички говори и вешти изговори.
Владата мора да се ангажира и да најде начин и средства за санирање на состојбата.
Како советник од Левица во Советот на општина Кочани ги поддржав со присуство сите протести, повеќекратно иницирам и активно учествувам во дискусијата во врска со овој проблем и ќе продолжам да ги поддржувам граѓаните во оваа битка. Не може да нема средства за решавање на проблеми кои директно атакуваат на животот и здравјето на жителите, а да има за други, помалку суштински настани и активности. Општественото уредување што става материјални добра пред човечки животи е форма на организирано насилство!