На повидок е договор за формирање на руска поморска база во Судан

Според изјавите на официјални лица од суданската Влада, во тек се преговори со Москва за формирање база за полнење гориво за руската морнарица во Црвеното Море, а во замена за тоа Русија ќе го снабдува Судан со оружје и муниција. Наскоро треба да се потпишат документи поврзани со овој договор, со што повторно се активира прашањето за руското присуство во Црвеното Море.

Во ноември 2020 година, рускиот претседател Владимир Путин му наложи на Министерството за одбрана да потпише договор за воспоставување логистичка служба во Црвеното Море за морнарицата. Москва тогаш објави нацрт-договор, но тој чекор беше одложуван неколку пати поради тековната граѓанска војна во Судан меѓу војската и Силите за брза поддршка (РСФ).

Договорот предвидува дека центарот за логистичка поддршка, кој ќе биде изграден во близина на градот Порт Судан, ќе може да прими до четири руски бродови во исто време, вклучително и бродови на нуклеарен погон. Максималниот број на руски воен персонал вработен во логистичкиот центар и државни службеници на позициите таму нема да надмине 300 лица. Тој број ќе биде зголемен доколку е потребно, но во договор со суданската страна.

Суданската страна ја презема одговорноста за надворешната безбедност на базата, додека одговорноста за заштитата на водната граница, воздушната одбрана и внатрешната безбедност на базата е на руска страна. Договорот и дава можност на Русија да увезува и извезува секакво оружје, муниција и опрема во базата, како и право да воспостави привремени воени локации во Судан за да ја заштити својата база лоцирана надвор од руската територија.

Експертот за стратешки прашања Роланд Бијамов објасни дека на Русија и е потребна станица за логистичка поддршка во Судан како порта кон африканскиот континент.

Бијамов ја истакна важноста на оваа база за Москва да може да ги унапреди своите проекти на африканскиот континент. Според експертите, договорот овој пат најверојатно ќе биде потпишан, а Русија ќе направи се за да ја изгради таа стратешка база. Дополнително тој додаде дека руско-суданската соработка создава напнатост во Западните земји и дела тие ја толкуваат како закана за нивните интереси.