АктуелноЛокално

Додека власта договара министерски места – Кочанчани се борат за воздух

  • Реакција на Левица – ЛО Кочани

Кочанската депонија која се наоѓа во непосредна близина на селото Бели гори со прекини над една година. Последните месеци гори без престан, а градот е завиен во чад и непријатна миризба.

Жители на Кочани и селото Бели во август 2023 година излегоа на неколкудневни протести кои резултираа со ветувања дека состојбата ќе се санира. Овие протести беа активно поддржани од советничката на Левица, Жаклина Филипова- Свеќаровска, со секојдневно присуство на нив.

Меѓутоа, место да се санира, проблемот ескалира. Депонијата гори без престан, што беше причина во април, на седница на Советот на Кочани да биде побаран извештај за состојбата со депонијата. За жал, властите пласираа глувонем видеозапис од споменатата седница. Депонијата беше предмет на дискусија и на седницата во мај, кога актуелниот директор Перо Георгиевски, трет по ред за две и пол години, ја обелодени својата оставка заедно со немањето решение за депонијата и минусот од над еден милион евра во завршната сметка на КЈП Водовод за 2023 година.

Во моментот на депонијата во Кочани се одложува и отпадот од сите околни општини без никаков надоместок. Локалните власти вината ја префрлаат на проектот за регионална депонија, а во исто време како решение го нудат токму тој проект?!

Кочанчани немаат време да чекаат неколку години за решавање на овој горлив проблем. Мора да се дејствува најитно што може за да се спречи натамошно самозапалување на отпадот, бидејќи голема е веројатноста истиот да се влоши со летните температури.

Ги повикуваме властите што поитно да преземат конкретни чекори, некои што ќе вродат плод, место да пласираат видеозаписи без тон од седниците на кои само креваат рамења без идеја и без решенија!