Слем поезија со Елена Пренџова
- Интервју со Елена Пренџова – Магистерка по филолошки науки, поетеса, слемерка и авторка на девет поетски книги
Антропол: Од скоро сте во редакцијата на списанието „Балкански хип-хоп студии“. Кажете ни повеќе за тоа списание, за вашите цели во рамките на оваа улога.
Е.П.: Меѓународното научно списание за хип-хоп и урбана култура „Балкански хип-хоп студии“ е многу младо списание и единственото специјализирано за урбана култура во Македонија. Го издава Урбан Институт–Скопје, главен и одговорен уредник е историчарот и книжевник Славчо Ковилоски од Институтот за македонска литература при УКИМ, а редакцијата ја сочинуваме музикологинката Јулијна Папазова и социологот и хип-хип артист Александар Ковилоски. Списанието има за цел промоција не само на хип-хопот и афроамериканаската култура, туку и воопшто урбаната култура на Балканот. Првите два броја на ова списание излегоа лани, во 2023 година, во годината кога во светот се одбележуваше педесетгодишнината од појавата на на хип-хопот, а наскоро ги подготвуваме и двата овогодишни броја. Во списанието се објавуваат прилози коишто се однесуваат на музиката, културолошките студии, лингвистиката, книжевноста, уметноста, танцот, историјата, социолингвистиката, социологијата, филозофијата, изведбените уметности, слем-поезијата и сл. Навистина е предизвик и интересно да се биде дел од редакцијата на едно вакво списание. Лично, особено ми е забавно и интелектуално предизвикувачки кога ги читам трудовите на слемот со научен пристап кон него, за типот поезија која ја живеам во реалноста и со која првиот мој контакт беше интуитивен, а не научно-истражувачки.
Антропол: Имате искуство и како коорганизаторка на слем-натпревари. Кои се најважните аспекти за успешна организација на такви настани и каква значење имаат тие за културната сцена во Македонија?
Е.П: Мислам дека најважните аспекти за успешна организација на такви настани е соработка и разбирање помеѓу коорганизатор(к)ите. Повеќе од деценија со актерот Игор Трпчески го организираме Националниот слем натпревар кој традиционално се одржува во Прилеп во октомври, секогаш во сабота. Имаме добра соработка која се темели на доверба и верба дека можеме и дека ќе успееме. Тајната е што се надополнуваме – Игор има одлични режисерски, менаџерски и логистички способности, добар е во менаџирањето на финансиите и сцената. Од друга страна, пак, јас сум лицето во сенка, онаа која е зад екранот на компјутерот и со која ќе ја водите целата комуникација додека да стигнете на сцената во Прилеп. Имаме и проширен тим, неформално се нарекуваме „Поетри слем Македонија“, во кој „членуваат“ слемер(к)ите со кои го почнавме слемот во Македонија, а кои сè уште активно настапуваат. Тоа е авангардата на македонскиот слем, луѓето кои ги поставија стандардите на нашата национална слем-сцена и кои го трасираа патот за идните генерации слемер(к) кај нас: Цветанка Колева и Перо Сарџоски, а да ја додадам и Валерија Дамчевска од поновата генерација која ја администрира Инстаграм фан-страницата на Поетри слем Македонија. Интернационално, како земја со активна и континуирана слем-сцена, Македонија е членка на Светската организација на слем поезија. Станува збор за млада организација која се формираше во времето на пандемијата со цел вмрежување на националните слем-сцени на глобално ниво. Како дел од активностите на таа организација е и Европското слем-првенство што се одржува на годишно ниво и на кое учествува победникот/победничката на нашиот национален натпревар во Прилеп. Поетри слем Македонија досега испрати нешто помалку од десетина национални репрезентативци и репрезентивки на Европскиот слем-натпревар, а имавме и една учесничка на Светското слем-првенство, Афродита Николова. Слем-сцената е уникатна на македонската културна сцена оти слемот е изведбена уметност и пред сè забавна и општествено ангажирана, па привлекува масовна публика.
Антропол: Слемот како перформанс изведбена книжевна уметност нуди меѓународна слобода наспроти академската поезија, а воедно и промоција на квалитетни поети надвор од нашите граници. Како се случи и какви искуства и впечатоци понесовте назад во Македонија од фестивалот „Тел’ем“ кој се случуваше минатата недела во Холандија?
Е.П: Учеството на „Тел’ем“ Фестивалот на „споукен ворд“ поезија (Tell’em Spoken Word Festival) во Ротердам, Холандија се оствари благодарение на глобалната врежаност на Поетри слем Македонија со Светската организација на слем поезија. На фестивалот бевме поканети неколкумина организатор(к)и на национални слем-натпревари од Европа, конкретно присутни бевме претставници и претставнички од Данска и Англија. Холандската слем-сцена е многу добро развиена, таму има слемер(к)и кои се занимаваат со слемот како професија, но и слемер(к)и кои творат на книжевни работилници, а настапуваат на отворените сцени на различни слем-фестивали и настани. Интересно ми е да гледам слем на јазик кој не го разбирам, тогаш повеќе внимание обрнувам на настапот и на реакциите на публиката. Во однос на мојот настап конкретно, ми беше искуство затоа што не е честа можноста да се настапува пред публика која не само што не го разбира македонскиот јазик, туку и го чувствува како егзотичен. Тогаш навистина многу се трудам околу изведбата и настапот, но и да ѝ дадам воведен контекст на публиката, што не е вообичаено за слемот бидејќи не е тоа во природата на изведбата на слемот. Сепак, сметам дека тој кус воведен контекст е неопходен при настап пред интернационална публика. И покрај тоа што студирав англиски јазик и книжевност, не мислам дека англискиот јазик треба по секоја цена да биде лингва франка на изведувач(к)ите на меѓународните слем-настани, сепак постои егзотичност и шарм во диверзитетот на различните јазици, а и да не го знаеме јазикот, можеме лесно да ја препознаеме и наслушнеме звучноста и ритамот на песната. Исто така, странската публика е внимателно внесена во настапот, го „впива“ секој збор и гест и секогаш искрено реагира, и кога нешто и се допаѓа, но и кога нешто не ѝ се допаѓа, па е одличен индикатор за тоа што „пали“ на сцена.
Антропол: Збирката поезија „Политички коректна поезија“ од 2014 година ја доби наградата за најдобра книга, објавена од поетеса, членка на Друштвото на писателите на Македонија. Нејзината содржина се стихови, напишани една деценија пред да ги споделуваме денес во реалноста. Сметате ли дека политичкиот наратив стана толку провиден или, сепак, како што стои во песната „Параноична“ – нè тера да се плашиме од сите, па и од себеси, нè дели и нè прави апатични?


Е.П: Денешниот политички наратив го доживувам како агресивен и насилнички, дури и шизофрен и застрашувачки. Тоа што песната „се роди“ во време кога не се ни наслутуваше Ковид-пандемијата само укажува на фактот дека историјата се повторува (скорашнава пандемија не е ниту првата ниту единствената пандемија во светот!) и дека човекот сè уште не создал, а најверојатно и никогаш нема да создаде, совршен општествен систем на вистинска, а не привидна еднаквост и слобода за сите. Збирката поезија „Политички коректна поезија“ ми е најфеминистичката и општествено најангажираната збирка поезија која мислам дека би ја кажувала вистината за кое било денешно или минато општествено уредување само поради тоа што сите општествени уредувања наликуваат едни на други, едноставно затоа што ниту некое општество се формирало изолирано од останатите општества, нуту, пак, луѓето се толку различни како што наметнуваат стереотипите и предрасудите. Во првата песна од таа книга, „Политички коректна песна“ истакнувам дека „најдобро ми прилега сопствената кожа / дури и одрана“ и со тоа, во нефеминистички контекст, повикувам на љубов и толеранција, бидејќи кожата е само боја најчесто климатски одредена, но човековата биологија на органите под кожата е универзална. Имено, најновите генетски истражувања од 2001 година докажуваат дека генетската сличност на геномот на човекот со геномот на шимпанзата е 96% и дека ако се спореди само генетскиот материја, таа сличност е и поголема, дури 98%. Што мислите, колку различни можеме да бидеме ние луѓето во рамките на нашиот вид, правејќи разлика, поточно дискриминација, по бојата на кожата, пол и сл.?! Паранојата ќе престане само тогаш кога ќе го прифатиме и љубиме Другиот, во спротивно политичкиот наратив ќе ни влева сè поголем страв од различностите со цел римската „раздели, па владеј“.
Антропол: Збирката поезија „Холограм од спомени“ од 2023 година содржи песни напишани на програмски јазик. Чинам многу од нас прв пат слушаат за вакво нешто. Каква е таа т.н. кодирана поезија и дали во блиска иднина може да очекуваме таквата поезија да стане поезијата на иднината?
Е,П: Кодираните песни во „Холограм од спомени“ се напишани, поточно преведени од човечки јазик (македонски) на програмскиот јазик C# со интерфејст што сметавме дека ќе е визуелно воочлив и интересен, односно во боја. Кодираните песни се заедничка соработка со програмерот од Белград, Србија, Владимир Петровиќ. Интересно е што не може сите песни напишани на човечки јазик да се преведат со програмски јазик, едноставно „менталитетот“, односно логиката на човечкиот зборовен јазик не е ист/а со онаа на јазикот на машините. Во процесот на работа многу битна беше синтаксата на програмскиот јазик што го избравме, затоа што, по инсистирање на програмерот Владимир, кодираните песни мораше да бидат автентични, односно да ја запазат синтаксата како навистина да програмираат, без да јават грешки во системот, а не само да изгледаат убаво како форма. Кодираната поезија е интересен предизвик и иновативен екстримент во уметноста и јас секако би сакала да продолжам во таа насока, и не само со кодираната поезија, туку и со визуелната поезија воопшто (идејата за кодираната поезија ми се роди десетина години по објавувањето на мојата прва збирка поезија со визуелни песни – калиграми), но не мислам дека кодираната поезија ќе биде поезијата на иднината. Кодираната поезија треба да остане поетско-визуелен уметнички стил кој нема да доминира во популарната култура бидејќи во спортивно само ќе се разводни и ќе изгуби од својата вредност. Не велам дека кодираната поезија е елитна, но дефинитивно е уметност за оние со афинитети кон граничните видови поезија и нестандардните уметнички стилови.