ЛИ Рацин организираше трибина со лозарите од Левица – Кавадарци
„Работникот, лозарот и општествените уредувања на Македонија“ е темата на трибината што вчера се одржа во Винскиот музеј во Кавадарци во организација на Левичарски институт РАЦИН
На трибината учествуваа членовите на Политичката партија Левица кои се лозаропроизводители од семејни винарии и кои знаат кои се предизвиците на лозарите. Членовите се борци за општествена правда кои својот живот го посветиле на еманципацијата на работникот во општеството.
Свое излагање имаа пратеникот во Македонското собрание, м-р Сашко Јанчев, и советникот од #Левица, Михаил Тодоров, кои и самите работат со земјоделие. Направија споредба на стандардот на животот на лозарите во Југославија и во денешна ,,капиталистичка” Македонија.
Пратеникот Сашко Јанчев ги опиша најновите измени во Законот за вино и предлог-измените кои Левица планира да ги предложи во актуелниов мандат за подобрување на состојбата на лозарите и подобрување на степенот на додадена вредност на виното како готов производ автентичен за Тиквешкото виногорје.
Членовите кои учествуваа во дискусијата споменаа за голготата низ која поминуваат. Некои од нив морале да продадат дел од поседите за да ги исплатат долговите кои ги здобиле, купувајќи земјоделска опрема преку неповолните кредити кои се единствена опција во моментов.
Општите впечатоци од бербите од минатите години во Кавадарци беа пренесени пред лозарите од страна на членот на ЛКТ на ЛО Кавадарци, Коле Камчев, кој е самиот лозар со долгогодишно искуство во производство на трпезно грозје.
Преку дискусија, согледаа какво влијание имаат општествените уредувања на позицијата на работникот и лозарот, следејќи ја временската линија од почетокот на минатиот век до денес.