АктуелноЛокално

Промоција на стихозбирката „Ако се осмелиш…(Р)еволуција на жената“ од Билјана Велковска

Во недела, на 02.6.2024, во „Бифе Тафталиџе“, со почеток во 12 часот, ќе се одржи промоција на книгата „Ако се осмелиш…(Р)еволуција на жената” од Билјана Велковска. За книгата ќе зборува Татјана Димовска-Атанасова, а 50% од средствата од продажбата ќе бидат донирани во хуманитарни цели на Здружение на граѓани за помош на бездомници и социјално загрозени лица „Љубезност“.

.„Ако се осмелиш…(Р)еволуција на жената” е прва стихозбирка на Билјана Велковска чија цел е да биде поттик и инспирација за личен развој, за патот до едно среќно и исполнето „јас”. Содржи осумдесетина топли, искрени, инспиративни и поучни песни-светилници за патот до себеси и до радоста на секоја жена, песни што се кристализација на личното и на професионалното искуство на авторката.

Во поговорот стои: „Ако се осмелиш“ се случи неочекувано и непланирано, како што ми се чини се случуваат едни од најдобрите нешта во нашите животи… Песните во неа се плод на една лична, интимна трансформација во текот на една тешка година, па оттаму и поднасловот „(Р)Еволуција на жената“… Пишувани се со надеж дека ќе бидат утеха и патоказ, поттик и инспирација за нечија, можеби за вашата, лична трансформација…“

Билјана Велковска е филолог по компаративна книжевност, магистер по психологија и инструктор за терапевтско пишување, авторка на две книги од областа на психологијата -„Психосоматика – емоции што разболуваат и лекуваат“ (2019) и „Умешност на лутината – мал водич за голема лична моќ“ (2022), двете изданија на „Арс Ламина“.