Џуровски: Македонската кирилица мора да добие институционална заштита
Интервју со Ласко Џуровски – графички дизајнер и типограф
Антропол: Вие сте најактивниот дизајнер на оргинални фонтови со македонска кирилична поддршка. Дали сметате дека македонското кирилично писмо е под закана во дигиталната ера и напливот на странски содржини и латинична комуникација?
Л.Џ: Да, секако дека напливот на странски содржини и доминацијата на латиницата во дигиталните медиуми има големо влијание на застапеноста на кирилицата во сите сфери на дигиталната технологија, но, кирилицата живее и успешно опстојува. Тоа што е неопходно да се направи е да се даде безрезервна поддршка од сите нас кои ја употребуваме, да ги препознаваме нашите карактеристични букви и да ги употребуваме оние фонтови кои нив ги содржат. За жал, често се случува, на сите медиуми да сретнеме бугарски или руски кирилични букви кои не припаѓаат на македонската кирилица а се употребуваат во македонски текстови. Токму на тоа поле треба да се делува – треба јасно да се разграничи кои се нашите карактеристични македонски букви и токму тие да се употребуваат. Таа разлика постои во т.н. италик, искосени стилови на фонтовите. Затоа, препорачувам и апелирам до сите медиуми и сите поединци да користат фонтови со автентични македонски кирилични букви. Тие се достапни, само треба малку да се потрудиме и да го направиме вистинскиот избор затоа што е сосема природно македонски текстови да пишуваме со македонски букви.
Антропол: Негрижата и немањето институционална заштита и стандардизација, се чини дека доведоа до ситуација да се користат погрешни фонтови на македонските веб страници, но и на печатени медиуми и дела. Посебно ризично е користењето на достапни бугарски фонтови. Како да се заштитиме од ова?
Л.Џ: За жал, во нашите институции кирилицата не го добива третманот кој го заслужува и тоа уште повеќе ја влошува ситуацијата. Тој проблем е неопходно да се реши институционално, на ниво на државата. Република Македонија мора да воведе стандардизација во која ќе биде јасно дефиниран изгледот на македонските кирилични букви во основните стилови на фонтови кои денес егзистираат во дигиталната технологија. Јас повеќе пати се обидов да иницирам вакво нешто но, за жал, тоа не предизвика интерес кај соодветните институции.
Антропол: Креирањето на оригинални фонтови и за популарната анимирана серија Биби и Боби, е можеби ваш придонес кон навремена едукација на младите и за зачувување на кириличното писмо?
Л.Џ: Да, секако. Кириличната типографија која ја создадов за потребите на овој прекрасен детски серијал е еден од проектите со кои навистина се гордеам. Преку него добив можност визуелно да ги едуцирам најмладите за тоа како изгледаат македонските кирилични букви преку еден многу едноставен пристап. Во серијалот кој освен видео нуди и извонредни печатени материјали како што се сликовници, едукативни детски игри и сл., кохезијата меѓу ликовите и буквите е лесно препознатлива и дечињата како што ги помнат ликовите така ги помнат и формите на буквите а со тоа е исполнета нашата основна цел – едукација од рана возраст. Прекрасно, многу се радувам кога имам прилика да видам дека дечињата покрај ликовите ги препознаваат и учат и буквите.
Антропол: Покрај типографијата, вие сте препознатлив и често присутен со ваши дизајни на дигитални содржини кои допираат до теми од македонската политичка реалност. Што е ваша инспирација, вашата порака?
Л.Џ: Она што го гледаме околу нас, секојдневно. Тоа е начинот на кој јас реагирам на настаните. Политиката никогаш не била во фокусот на мојот интерес но таа стана толку агресивна и доминантна во сите сфери на нашето живеење што предизвикува реакција кај луѓето кои никогаш не сакале да го прават тоа, но, едноставно се приморани. Сатиричните илустрации за мене се еден вентил преку кој се обидувам да испуштам воздух, да дишам послободно, да го кажам јавно она што го мислам за одредени состојби во општеството, на мој, оригинален начин.
Антропол: Дали размислувате за некој иден проект од ваков тип, планови, соработки, на што друго работите, дали работите на стрипови и слични области?
Л.Џ: Мене животот ми е исполнет, мило ми е што можам да кажам дека секогаш сум го работел она што го сакам. Работев, и сѐ уште работам во повеќе области и тоа ми дава можност да одберам, моменталната инспирација е многу често пресудна. На полето на стрипот бев активен пред околу триесетина години иако често знам да се навратам на него со некоја илустрација во тој стил но делеку од она ниво на кое порано го практиував тоа. Во последно време типографијата ми „јаде“ голем дел од моето време затоа што е многу привлечна, интересна, нуди предизвици кои ве инспирираат и ве вовлекуваат во тој свет на буквите кој кога ќе ве зароби не ве испушта, ве тера да живеет во него и да пиете вода од неговите извори…