Норвешка, Ирска и Шпанија ја признаваат независноста на Палестина – Словенија и Малта го најавија истото

Норвешка, Ирска и Шпанија ќе ја признаат независноста на Палестина со надеж дека тоа ќе донесе траен мир со Израел. Ваков потег во изминатите недели најавија уште две членки на ЕУ, Словенија и Малта, велејќи дека исто така се залагаат за решение со две држави.

„Среде војна во која десетици илјади луѓе се убиени и ранети мора да го одржиме во живот единственото нешто кое може да обезбеди сигурен дом и за Израелците и за Палестинците, а тоа се две држави во кои тие ќе можат да живеат во мир едни до други“, изјави норвешкиот премиер Јонас Стере.

Шпанија и Ирска истовремено објавија дека формално ќе ја признаат Палестина на 28 мај.

Demonstrators hold a giant Palestinian flag during the ‘Justice for Palestine’ rally in solidarity with the Palestinian people in Brussels on March 17, 2024. – Belgium OUT (Photo by HATIM KAGHAT / BELGA / AFP)

„Ќе го направиме тоа од многу причини, но можеме да го сумираме со три збора: мир, правда и доследност. Мора да обезбедиме решението со две држави да се почитува и да има заемни гаранции за безбедноста. Од суштинско значење е двете страни да преговараат за мир и од таа причина ја признаваме независноста на Палестина. Признавањето не е насочено против Израел и Евреите, ниту е во полза на Хамас, туку е во интерес на мирот и коегзистенцијата“, изјави шпанскиот премиер Педро Санчес, добивајќи голем аплауз во парламентот.

Ирскиот премиер Сајмон Харис кажа дека неговата земја верува дека траен мир може да се постигне само врз основа на слободната волја на слободен народ.

„Палестинците во Газа ги трпат најстрашните страдања, маки и глад. Таму во овој момент се одвива хуманитарна катастрофа незамислива за многумина. Решение со две држави е единствениот кредибилен пат кон мирот и затоа ова е вистинска одлука“, изјави Харис.

До денеска, 143 од 193 членки на Обединетите нации ја имаа признато независноста на палестинската држава. Европските држави имаа различен пристап кон ова прашање, па така Шведска ја призна независноста уште пред една деценија, а Франција кажа дека засега не планира да го направи тоа.

Преземено од СДК.МК