Британското воено аташе протерано од Москва
- Одбранбеното аташе на британската амбасада во Москва е прогласено за персона нон грата и мора да ја напушти Русија во рок од една недела, соопшти руското Министерство за надворешни работи.
Претставникот на британската амбасада во Москва е повикан во Министерството за надворешни работи на Русија поради протерувањето на рускиот аташе од Лондон, соопшти Министерството. Согласно принципот на реципроцитет во надворешната политика кој го најави Руската Федерација, Кремељ го протерува британскиот воен аташе од Москва, се наведува во соопштението.
Согласно правилата, по прогласувањето за персона нон грата, британското воено аташе мора да ја напушти земјата во рок од една недела.
Во официјалното соопштение се наведува и дека реципрочните мерки на Русија не се ограничени само на протерување на аташеите.
„Нашата реакција на непријателските антируски чекори на британската страна објавени на 8 мај нема да биде ограничена само на оваа мерка. За понатамошни одмазднички чекори ќе бидат информирани иницијаторите на ескалацијата“, соопшти Министерството.