Илиевски: Османи своеволно одлучил како да се гласа во ООН по прашањето за Сребреница

Македонската национална заедница во Република Србија бурно реагира на одлуката на Бујар Османи, македонскиот министер за надворешни работи, со која Република Македонија е еден од коспонзорите за Резолуцијата на ОН за геноцидот во Сребреница.

Дипломатските кругови во Македонија коментираат дека одлуката на Бујар Османи за коспонзорство за Резолуцијата на ОН за геноцидот е контроверзна од неколку аспекти. Најпрво, самиот министер Османи изјави дека тој лично ја донел одлуката, со што на најдиректен начин потврди дека немало консултации во македонската влада за ова прашање, велат од македонските дипломатски кругови.

Од друга страна, одлуката беше донесена непосредно пред претседателските и парламентарните избори во Македонија и оваа одлука треба да се гледа во оваа конотација, односно мобилизирање на албанското гласачко тело за одредени политички партии, што е спротивно на македонските државни и национални интереси. За прашање од оваа природа се потребни пошироки консултации, особено ако се земе предвид дека се нарушуваат традиционалните добрососедски односи помеѓу Република Македонија и Република Србија, велат дел од експертите.

  • Со свој став излезе и Горан Илијевски, претседателот на Партијата на Македонци во Србија, кој претходно испрати писмо до новата македонска претседателка Гордана Силјановска-Давкова во кое побара да се огради од „непромислената“ одлука на министерот за надворешни работи Бујар Османи и со тоа да ја поништи одлука за прогласување геноцид во Сребреница. Во писмото исто така се наведува дека одлуката на Бујар Османи им наштетува на односите со Србија и на македонската национална заедница во Србија, која е составен дел на српскиот народ. Бараме итен одговор пред седницата на ОН и нови инструкции до нашиот амбасадор во ОН, се вели во писмото на Горан Илијевски.

Македонците од Србија нагласуваат дека спомената одлука е нелегитимна и спротивна на државните и националните интереси на македонската држава, одлука што ги нарушува традиционалните добрососедски односи помеѓу Македонија и Србија, создава јаз помеѓу македонскиот и српскиот народ, како и штета на македонската национална заедница во Србија.