Палчо е екстрадиран во Македонија
Љупчо Палевски Палчо, првообвинет за убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска и на велешанецот Панче Жежовски, е донесен во Македонија.
Палевски слета на Меѓународниот аеродром во Скопје со редовна линија Истанбул Скопје, потврди за МИА директорот на затворот „Шутка“, Филип Андов.
„Министерството за внатрешни работи ја известува јавноста дека денеска (15.05.2024) полициски службеници од Секторот за меѓународна полициска соработка на МВР во соработка со турската полиција го завршија процесот на екстрадиција од Република Турција на Љупчо Палевски (59) од Скопје, за кого беше распишана меѓународна потерница за истрага за кривични дела „грабнување” и „убиство“ по издадена наредба XV KO бр 3047/23 од Основното јавно обвинителство Скопје. Лицето е пренесено во КПУ Затвор Скопје“, информираше вечерва МВР.
Палевски беше уапсен на 6 декември минатата година, откако првично избега во Србија па преку Бугарија стигна во Турција. Турската полиција го уапси во Баликесир.