Апасиев: Што повеќе левичарски пратеници во Собранието, тоа поголема гаранција дека нема да има Бугари во Уставот
Левица очекува двојно да го зголеми резултат од првиот круг на претседателските избори и да освои од 80 до 120 илјади гласови на парламентарните избори со проекција од осум до 12 пратеника зависно од излезноста. На следниот мандатар му порачуваат дека основа за преговарање е македонската Платформа за национално единство. Што повеќе левичарски пратеници во Собранието тоа е поголема гаранција дека нема да има Бугари во Уставот, вели во интервју за МИА претседателот на Левица, Димитар Апасиев.
Во однос на резултатите од првиот круг на претседателските избори, Апасиев вели дека лично очекувал од 60 до 80 илјади гласови, но дека и со 41 илјада Левица го положиле матурскиот испит самостојно да собере 10 илјади потписи без никакви коалиции и потоа да оди на избори со поддршка на независен кандидат.
– Од аспект на резултатите ви кажав, јас очекував од 60 до 80, тие се 42 илјади, но сега влегуваме во нашите главни избори, а тоа се парламентарните оние за коишто ние имаме практично и адут во рака, а тоа се двајцата пратеници кои бевме во Собранието, така што тоа се материјалните прилики. Ние ги прифаќаме како такви, не очајуваме. Напротив, учиме од искуството и одиме сега да освоиме, да го дуплираме овој резултат, практично да освоиме – нашата проекција е од 80 до 120 илјади гласови, бидејќи статистички гледано секогаш парламентарните избори имаат повисок одѕив од претседателските и тој одѕив во случајов изнесува цирка околу 100 гласови коишто ќе излезат на гласање и тие се најчесто проопозициски гласови и оттука ние очекуваме да растеме на парламентарните избори, вели Апасиев.
Ние, посочува Апасиев, одиме со проекција од осум до 12 пратеника зависно од излезноста и така ако гледате – да, не може да има влада без Левица, особено промакедонска влада, инаку може да има влада без Левица во секој момент, но тоа, како што нагласува, е влада на двете други платформи кои ние не ги застапуваме и со кои ние не ни преговараме – софиската и тиранската платформа, додека ние нудиме македонска платформа.
– И таа ќе биде основа за преговарање со кој било мандатар следен на којшто ќе му затребаат мандатите на Левица за да тераме македонска платформа. Таа е во пет точки, многу едноставна со цел да запрат уцените кои веќе две децении ги гледаме после Рамковниот договор, а тоа се уцени на федерализација, разградување на државата и уцени од албанското малцинство со цел – гледате какви се, секои избори се се’ поголеми и сега одат на тоа да се укинат 20 отсто, да се воведе албански јазик како уставен, значи класична кантонизација. Потоа се оди на тоа да не се бира претседател на избори со тајно гласање, туку со Бадентер во Собрание, Села изјавуваше дводомни парламенти. Значи, тоа се платформите и народот конечно треба да се одлучи за која платформа. Три платформи се во игра. Ние ја застапуваме македонската и ќе видиме до кај ќе стасаме, нагласува Апасиев.
Според Апасиев, Левица не мора да влезе во Влада и не се фокусирани стриктно да дојдат само на власт, подвлекувајќи дека покажале дека може да бидат корисни за Републиката дури и како опозиција со двајца пратеници. Сепак, појаснува тој, ако идниот мандатар смета дека е уценет од Вреди или од ДУИ, и ни понуди соработка, ова, како што вели, е нашата македонска платформа во пет точки.
– Со оваа платформа конечно ние ставаме црвени линии и ги повикуваме сите македонски партии да се обединат позади оваа платформа затоа што секој нареден мандатар покажува дека е се’ попустлив кон албанското малцинство. Тоа е недозволиво затоа што или градиме современа секуларна и модерна држава или се враќаме во 19 век. Оттука, ние го нудиме овој концепт, појаснува Апасиев.
Прашан зошто иако фокусот на нивната програма се работничките права, од досегашната кампања акцентот повеќе е на популистички мерки, Апасиев вели дека таков е наметнат наративот во медиумите и дека тие мора да го следат она што се пласира во јавноста.
– Во јавноста во моментот најбитна тема е Бугари во Устав, дводомни парламенти, такви теми, УЧК се скандира. Значи, се оди на национализам, на националшовинизам, на етнотрибализам и оттука ако сакате во тој ринг ние сме спремни и во тој ринг да се боксуваме, зборувам со нашите политички непријатели. Оттука, ние како левичари, социјалисти не бегаме од националните прашања притоа третирајќи го и класното прашање, нагласува Апасиев.
Програмата на Левица, според Апасиев, во многу сегменти е радикална, но реална – се залага за намалување на работното време од осум на шест часа, дуплирање на породилното отсуство од девет на 18 месеци и намалување за две години на одењето во пензија, односно жени на 60, а мажи на 62 години. Исто така, Левица единствена се залага за прогресивен данок, што, како што нагласува, е разликата практично помеѓу левичарите и десничарите. Посочува дека Левица, исто така, единствена предлага антилихварско законодавство и единствена партија која заговара укинување на приватните извршители.
За тоа како ќе се обезбедат средства за ваквите политики, Апасиев вели дека тоа ќе се направи преку банкарска регулација и даночни реформи – мерки кои не се нови и коишто функционираат онаму каде што ние стремиме, а тоа е Европската унија.
– Значи, преку регулација на банкарскиот сектор, преку намалување на провизии и камати вие ослободувате милиони коишто ќе останат кај народот. Тоа е едната реформа. И втората е прогресивната даночна реформа која што единствено ние ја залагаме. Тоа значи богатите да плаќаат повеќе даноци, сиромашните и работниците да плаќаат помалку даноци. Единствени сме коишто предвидуваат корпоративен данок исто така и данок на луксуз, појаснува Апасиев.
Прашан за тоа каде Левица најмногу би и помогнала на државата од кадровски аспект, доколку има шанса, Апасиев вели дека најмоќна позиција е собранискиот спикер.
– Од кадровски ако гледате најмоќна е спикерската позиција во моментот. Сериозно. Јас тоа го увидов од првиот пратенички мандат и таа позиција ако ја имате вие сте многу моќна не само политичка туку и партиска фигура и затоа е стратешка грешка што СДС тоа место гоотстапи на ДУИ и тоа сега им се гледа во резултатот. Конечно се остварува нашата теза која ја предвидовме пред четири години, која е политиколошки емпириски доказлива, а тоа е пасокизација на СДС и тоа се прави. Гледате СДС доживува драстичен пад од 200 илјади гласови за првпат во историјата, тоа ни на Шекеринска, ни на Бучковски не им се случи, но му се случи на Таче, така што тоа е токму поради тоа што тие во законодавната власт вие ако сте најголема партија ако го немате спикерското столче вие немате ништо. Оттука, тој опасен преседан со изборот на Таљат Џафери, ако се вратиме историски Груевски никогаш не го даде спикерското место на друга партија, се сеќавате – секогаш беше или Љубиша Георгиевски или Трајко Велјановски, значи негов партиски човек затоа што знаеше дека тоа е многу моќна позиција. Оттука, ако гледаме кадровски кон што пикира Левица, да кон спикерско столче, изјави Апасиев.
За тоа како Левица планира да гарантира дека нема да има уставни измени, Апасиев вели дека со двајца не може да спречат „ако тие се нафатиле да менуваат, меѓутоа со 10-12 и тоа како можеме“ затоа што, како што нагласува, тоа договарање нема да оди глатко.
-Доколку ние би имале солиден број на пратеници тогаш ако отпаднат овие уцени и ако мандатарот треба да тргне условно кажано со нас и да преговара тогаш ние нема да прифатиме такви услови и оттука се гаранциите. Значи, што повеќе левичарски пратеници во Собранието тоа е поголема гаранција дека нема да има Бугари во Уставот, нагласува Апасиев.
Балансерот, според Апасиев, е рак рана на општеството и треба конечно мерит систем особено во јавна администрација каде што луѓето ќе можат да дојдат до израз врз основа на своите квалитети, додека за Рамковниот договор вели дека бил мировен договор кој требаше да трае привремено.
-Кажете им на работниците во транзицијата дека стекнати права не се губат ќе видите што ќе ви кажат. Како што ние голтавме кнедли дојде време сега други да голтаат кнедли, Македонецот веќе особено со појавата на Левица не може да биде инфериорен во сопствената држава и тоа ние сме тука како политички чинители да го тоа некако испорачаме и тоа не е национализам. Јас не се согласувам со таа теза затоа што класното и националното прашање се измешани прашања, тоа го покажаа и основачите на оваа држава, така што преку класна борба, тие преку Народноослободителна борба дојдоа до АСНОМ. Оттука тие две борби се испреплетени и ние ги водиме двете паралелно, појаснува Апасиев.
Во однос на најавите на Левица за укинување на како што велат сите штетни договори за државата, прашан дали дали смета дека постои подобро решение или дека едноставно повеќе не постојат проблемите воопшто, Апасиев вели дека постои суверено решение и постои правно решение, посочувајќи дека во правото пресуда менувате со пресуда, закон менувате со закон, а одлука на референдум или плебисцит менувате само со нова одлука.
– Да не заборавиме дека Преспанскиот договор е илегален по сите узанси и на домашното уставно право и на меѓународното јавно право. Зошто? Затоа што прво е потпишан од неговиот титулар тоа е министер за надворешни работи иако по Устав само претседателот можеше да го потпише. Второ, Законот за ратификација е илегален закон кој е објавен во „Службен весник“ без потпис на претседателот за првпат во историјата на независна Македонија. Оттука, не постои де јуре тој закон. Трето е донесен по пат на кривични дела. Не заборавајте дека имаше влечење за уши на осум пратеници од ДПМНЕ на кои им беа амнестирани криминалите за да гласаат и тоа е повреда на Виенска конвенција, така што по сите узанси тоа е неважечки договор, непостоечки договор, ништовен договор и она што ние треба само да го кажеме како држава е да декларираме дека тој е таков и најголемиот аргумент е тоа што тој не помина на референдум, вели Апасиев.
Во однос на мотото „Шанса за младите, неподмитливите во Собранието“, Апасиев нагласува дека тие веќе докажале дека се неподмитливи и дека старосна структура на пратеници која ја предлага Левица е од 30 до 40 години и апелира до младите да гласаат масовно и да не се воздржуваат како сега.