Гласањето заврши, се очекуваат резултатите
Во 19 часот се затворени избирачките места на кои граѓаните на Република Северна Македонија денеска можеа да гласаат на седмите претседателски избори. По затворањето на избирачките места ќе можат да гласаат само лицата кои во тој момент се затекнале во објектот каде што се гласа.
Гласачките места беа отворени во 7:00 часот. Право на глас имаа 1.814.317 граѓани лица запишани во избирачки список. Тие на 3.480 избирачки места можеа да се изјаснат за еден од седумтемина кандидати Стево Пендаровски, Гордана Силјановска Давкова, Стевчо Јакимовски, Бујар Османи, Билјана Ванковска, Арбен Таравари и Максим Димитревски.
Одѕивот на претседателските избори до 18 часот изнесуваше 47,61 отсто, и е поголем од последните избори за шеф на државата во 2019 година кога до 19 часот на гласање излегоа вкупно 41,67 отсто од запишаните избирачи.
До 18 часот до ДИК пристигнати се податоци за излезеност на гласачите од 1200 избирачки места. Од вкупно запишани 612.850 гласачи на овие избирачки места, гласале 291 777.
Според податоците за излезеност кои што се пристигнати досега, најголема излезенот е забележана во Новаци со 71,07% додека најмала е излезеноста во Шуто Оризари, 22,06%. Гласањето досега се одвива мирно на сите избирачки места.