Левица: Нашата програма предвидува укинување на Преспанскиот, Рамковниот и Договорот за добрососедство
Ви најавуваме дел од нашата уникатна програма со над 1.000 мерки. Радикалните мерки претставуваат длабински зафат за интервенција во сите пори на јавниот живот – со цел планско градење на едно похумано, посолидарно и подобро општество, порачаа од Левица.
1. Поништување на т.н. Преспански договор и бришење на погрдниот назив „Северна“ од Уставот – со цел усогласување со народната волја изразена на два референдума (1991 и 2018)!
2. Укинување на Охридскиот рамковен договор како извор на сегрегирачкиот, етно-трибалистички карактер на политичкиот систем на Македонија и враќање на чисто мнозинскиот карактер, со практикување на демократијата како стандард за современите демократски заедници.
3. Укинување на Договорот за добрососедство и прекин на преговорите со Бугарија, кои задираат во суштината на македонскиот идентитет.
4. Поништување на илегалната двојазичност на целата територија на Републиката (преку т.н. Закон за употреба на јазиците), како резултат на октроираната т.н. Тиранска платформа, и враќање на јазичните права на малцинствата во рамки на Уставот – согласно препораките на Венецијанската комисија.
5. Рестартирање или отворање на нови профитабилни државни компании во секоја стратешка гранка од стопанството:
– рудници;
– металопрепработувачка индустрија;
– хемиска индустрија (пр. ХИВ и ОХИС);
– мермерен комбинат;
– ископ на јаглен;
– производство на лекови;
– бетонски бази;
– градежништво (патишта, хидроцентрали, општествени станови);
– стаклара;
– порцеланка;
– пилана;
– картонажа;
– универзитетска печатница;
– телекомуникациски оператор;
– откупни пунктови за земјоделски и шумски производи;
– шеќерана;
– маслодајна;
– производство на автохтона храна и пијалоци;
– производство на стратешки култури (афион, коноп и тутун) и сл.
6. Национализација на сите дистрибутивни мрежи во Македонија: електродисртибутивна, водоводна, канализациона, топловодна, гасоводна, нафтоводна, телекомуникациска, радиодифузна, кабелска, интернет и сл.
7. Гарантирано вработување во јавниот сектор на 10-те најдобри студенти од секој факултет!
8. Бесплатно образование и здравство.
9. Законски решенија за поставување на јавното здравство како поле од посебен општествен интерес
10. Преструктуирање на земјоделското производство – зголемување на инвестициите, поддршка во подготовка и спроведување проекти за интеграција и образование на производителите, спрема потребите на пазарот.
11. Итно носење на Закон за потекло на имот на сите носители на јавни функции, од осамостојувањето до денес (1991–2024) – како lex specialis! Убедени сме дека, и покрај злонамерниот изборен систем и бојкотот без преседан од страна на националните телевизии, овојпат – преку масовна народна поддршка – влегуваме во парламентот со двоцифрен број пратеници и со своја пратеничка група, без која нема да може да се формира идната Влада на Република Македонија, посочија од Левица.