Масовна гробница откриена во Газа
Масовна гробница со речиси 300 тела е откриена во болницата во Кан Јунис, соопштија вчера работниците за цивилна заштита во Газа.
Израелските сили ја напуштија областа претходно овој месец. Полковник Јамен Абу Сулејман, директор за цивилна одбрана во Кан Јунис, за Си-Ен-Ен изјави дека вчера биле ископани 73 тела во дворот на медицинскиот комплекс Насер, со што вкупниот број на закопани во масовната гробница достигна 283.
Сулејман наведува дека некои од телата биле пронајдени со врзани раце и нозе и дека има индиции за егзекуција. „Не знаеме дали се живи закопани или егзекутирани. Повеќето од телата се распаднати“, рече тој. Си-Ен-Ен не можеше да ги потврди тврдењата на Сулејман. Тој стапил во контакт со израелските одбранбени сили (ИДФ) и, меѓу другото, ги прашал дали телата закопани во болницата се ексхумирани за ДНК тестови.
Портпаролот на цивилната одбрана на Кан Јунис и шеф на потрагата по исчезнатите, Раед Сакр, изјави за Си-Ен-Ен дека трагаат по телата на уште 400 луѓе по заминувањето на израелската армија на 7 април. Репортерот на Си-Ен-Ен, кој ја посети областа во неделата, вели дека во јануари, како дел од привремена мерка, мештаните ги закопале телата на убиените членови на семејството во болницата.
Кога се вратиле по израелското повлекување, откриле дека телата биле ексхумирани, веројатно за да може ИД да користи ДНК анализа за да утврди дали има заложници меѓу загинатите. Телата потоа беа ставени во најмалку една масовна гробница.
Локален жител изјави дека телото на неговиот 21-годишен син, кој бил убиен во јануари, допрва треба да биде пронајден. „Сè уште не сум го нашол. Го закопавме таму, но не можеме да го најдеме. И сакавме да му направиме пристоен гроб“, рече тој.