Ванковска: Изберете претседател кој знае да подаде рака и понуди инаква визија за иднината
Почитувани Македонци, почитувани сонародници,
Ви се обраќам во духот на Крушевската република и АСНОМ, како на драги комшии, пријатели и познајници, без разлика на вера, народност, пол, класно потекло и политички убедувања! Мојата порака до вас ги надминува сите делби кои ни ги наметнуваат со години. Сите што сме родени во Македонија или сме расеани како бисери ширум светот, не можеме да бидеме друго освен Македонци во политичка смисла на зборот, како и делови на онаа иста татковина чии државни темели се удрени на заседанието на АСНОМ. Ние сме она што преостана во оваа земја и од оваа нација, која или ќе се дигне на нозе или ќе потоне. Пред длабокиот амбис ископан од лажните месии и лидери, народот нема друг излез освен да си подаде рака за заемна помош, за спас на татковината и за идните генерации.
Пред повеќе од 120 години, славните Илинденци тргнаа во решителна битка за слобода. Рекоа: доста е, веќе не се трпи „тиранијата на жедните за крв и гладните за човечко месо … што гледаат и нас и вас да нè дотераат до нож, и нас и вас да нè дотераат до питачки стап“. Нивните зборови за Македонија која прилега на пуста пустина се болно точни и денес. Некадарници и ненаситни го поделија народот, се збогатија експлоатирајќи го неговиот труд и националните богатства. Запустија мала и убава земја за која животите ги положија нашите предци, комитите и партизаните.
Сега страдаме од божемната „наша власт“, која ги згази не само постигањата од минатото, туку се однесува како внатрешен окупатор. Ни ја одзеде не само живеачката и волјата за напредување, туку и надежта. Нè ограбија, ни ја згазија честа, го продадоа најсветото, ни ги отселија најдрагите. Подготвени се да го запустат и последното праче плодна почва, воздухот го направија отровен, а последната капка вода сака да ја продадат на јабанџии. Сè ни одземаа – освен душата. И неа ли ќе им ја дадеме?
Не, нема тивко да заминеме во ноќта, нема предавање без борба!
Мојата кандидатура за претседател на Македонија е апел да се собереме околу остварување на заедничките интереси и на колективното добро. Ако сега не свртиме нов лист – кога? Ако ние, собрани околу оваа програма, не го сториме тоа – кој? Оние кои што три децении нè ограбуваат и распродаваат како на сточен пазар? Оние кои што ја газат народната волја и народниот суверенитет? Или странците ќе го сторат тоа, тие „камшикари“ на коишто им пречи нашиот „менталитет“?
Дојде часот да им ги симнеме маските на сите корумпирани и исплашени калкуланти кои за трошка власт и родената мајка ќе ја продадат! За нив постојат различни имиња: тие се компрадори (луѓе кои вршат разни работи за сметка на туѓи организации, компании, центри на моќ) и кафеави сахиби (луѓе кои се умилкуваат и се трудат да бидат налик на господарите на кои им служат, за да не прилегаат на својот народ). Зборуваат за мир, а нè туркаат во нови војни за туѓи бели дворови. Ним ништо не им е свето, ниту животот на обичниот човек, ниту опстанокот на Македонија!
Најмоќното оружје во рацете на угнетувачот е умот на угнетениот, и токму тоа ни се случува: божемните „елити“ се само инструмент во рацете на оние што од Македонија прават територија, а не држава. Бараат да прифатиме дека идентитетот е грда работа, дека национални интереси не постојат, па дури и не лишуваат од сопствена колективна меморија и историја. Од почетокот на транзицијата нè третираат како инфантилни, како неспособни да изградиме независна политичка заедница и да ја водиме согласно сопствените интереси. Тие што ја осиромашија нацијата зборуваат дека патриотизмот е национализам, темна и реакционерна сила која води кон омраза и сиромаштија. А во замена нудат не само зацврстување на внатрешните поделби, туку и едно големо „европско“ ништо. Нудат слика на НАТО и ЕУ која се граничи со догма. За тоа време, во бриселските палати нè гледаат со презир како недостојни балканци.
И оние што беа деца пред три децении, се сега со побелени коси. А, овие венецијански трговци уште ја продаваат истата бајата приказна за НАТО и ЕУ, бидејќи не гледаат подалеку од носот! Тие застанале во времето. Не гледаат дека светот се менува. Како и нивните господари во Брисел и Вашингтон, тие мижат пред милитантниот империјализам кој ја предизвика војната во Украина, во која веќе загинаа преку половина милион луѓе. Геноцидот во Палестина не ги ни допира, иако секои десет минути таму убиваат по едно дете. Таквата визија на светот е мрачна и фашистичка. Од Македонија прават вазал, колонија и топовско месо. Велат дека само уште малку треба да попуштиме и да премолчиме, па ќе дојде рајот на земјата. Не, драги другари и другарки во битката, браќа и сестри! Ние веќе немаме време за чекање, доста ни е од лаги и превари.
Време е да кажеме НЕ! Македонија не е паричка за поткусурување во нивните геополитички трансaкации! Македонија не е протекторат и не сака да биде периферија на периферијата. Нашиот народ има ум и срце, и ги отфрла сите наметнати комплекси на инфериорност пред оние што мислат дека сме заостанато и смачкано племе. Ве повикувам да застанеме заедно како чеда на оваа земја, со која се гордееме, за разлика од оние кои се срамат од сè македонско и балканско.
Во новиот мултиполарен свет, Македонија треба и може да биде мост кој ќе поврзува цивилизации, култури, иновации и вредности. Во ваквата визија, белите мугри изгреваат на исток. Македонските граѓани имаат суверено и неотуѓиво право да бидат свои на своето, да донесат устав по своја мерка, како свој општествен договор, а не како резултат на диктат однадвор. Најдобрите и најспособните можат да го водат бродот низ немирното море на еден забеган свет, без поклонување пред странски губернатори!
Гласајте и изберете претседател на суверена и демократска Република Македонија, кој ќе знае да отвора порти, да подаде рака и да понуди инаква визија за иднината, но и кој ќе знае да каже НЕ на оние кои мислат дека се домаќини во нашиот дом!