АктуелноЛокално

Цената на „бесплатното“ здравство и лековите

  • Пишува: Марјан Ѓурчески, М-р по фармација

Над 20 години како нација сме свесни за систематското опакостување на јавното здравство во Република Македонија и последиците кои доаѓаат од истото.

Продуктот на овој дводецениски политичко-профитерски тек на здравството го доведе населението во Македонија во позиција да биде приморано последната надеж за сочувување на сопственото здравје како основно човеково право и потреба да ја бара во приватното здравство и скапо платените здравствени услуги, зачинети со скапа терапија од лекови.

Но, не само што резултатите од приватното здравство не ги оправдуваат во целост средствата кои секој поединец ги положува на сметките на приватните клиники, туку и квалитетот на јавното здравје на населението е во постојан пад(иако тука големo влијание има и лошиот амбиентален воздух што го дишеме, како и ниско квалитетната храна која ја конзумира нацијата).

Како дел од тековите во здравството, исто така и областа фармација се движи во еден недоволно хуман и профитабилно настроен правец, каде од ден на ден се појавуваат се повеќе лекови, чија целосна вредност паѓа исклучиво на товар на џебот на пациентите.

Недоволниот слух на ресорното Министерство за здравство и Фондот за здравствено осигурување на Македонија ги доведоа болните во ситуација каде речиси 50% од лековите кои редовно ги употребуваат, да мора да ги платат од сопствениот џеб.

Ниските институционални капацитети на Министерството за здравство досега не успеаа да ја препознаат можноста од реформа во областа на пропишување и издавање на лековите на лекарски рецепт кои паѓаат на товар на ФЗОМ и за жал оставија десетици илјади пензионери и лица со ниски примања да одвојуваат и до 35% од своите месечни примања за редновна или акутна терапија.

Можностите за реформи во процесот на пропишување и издавање на лековите се големи и со мала прераспределба на средствата кои ФЗОМ ги одвојува за покривање на терапиите на македонските пациенти може да се постигнат резултати каде сите оние десетици илјади пациенти кои одвојуваат и до 35% од месечните примања ќе бидат финансиски поштедени и до неколку илјади денари месечно, а здравствено целосно привилегирани.

Оттука, партиските структури кои во иднина ќе се занимаваат со ова прашање мора да насочат нешто повисок процент од Буџетот на државата во јавното здравство и лековите кои паѓаат на товар на ФЗОМ, како и рационална прераспределба на средствата кои ги одвојува фондот за месечните терапии, бидејќи во спротивно здравјето на нацијата ќе има се поскапа цена, особено по џебот на поединецот. 

Тоа се разбира вклучува еден посветен процес на измена на приоритетите на терапии кои фондот за здравство мора да ги направи, а со еден таков процес лекови како Дијазепамот кој на сопствен трошок(купен на приватно) чини симболични 50 денари и се издава на најмалку 120 000 луѓе месечно, ќе биде заменет со ставање на товар на ФЗОМ на Ривароксабанот (лек против крвна коагулација) кој спречува илјадници мозочни и срцеви удари годишно и кој моментално пациентите го плаќаат по 2500 денари месечно, а би требало да е 300 денари и да биде покриен од ФЗОМ.

Јавното здравство и неговиот квалитет мора да биде приоритет на секоја идна влада и истото да биде достапно и бесплатно за сите утврдено преку член во Законот за здравствена заштита!