Јаневски: Друго оружје освен Левица немаме
- Говор на раководителот на Црвена Младина, Марио Јанески на Втората годишна конференција на Црвена младина:
„Во денешниот свет, младите несразмерно се оптоварени со сите зла на капитализмот. Оттаму, се прашувам, работи ли овој систем кон колективното ослободување на масите или е обликуван од сопствените интереси на капиталистичката буржоазија? Капитализмот, другари, се потпира на неговата единствената основна вредност – профитот.
Оние кои се залагаат за капитализам може да тврдат дека тој претставува „слобода“, но ние мора упорно да се распрашуваме: Слобода за кого? Секако не за младите. Секако дека не за младите работници, оптоварени од студентските долгови, минливите изгледи за работа и непредвидливата иднина. Секако дека не за младите студенти од социјално ранливите категории.
Но тука можеби ќе си речете а зошто јас? Па, има други. Ќе чекам некоја млада идеалистичка будала. Сигурно од некаде ќе се појави некој Јан Палах. Ќе се самозапали или слично, па ќе го сликам за на инстаграм. Некој друг ќе се појави на барикадите и ќе се спротистави, место мене. Има будали денес. Зошто јас да се замарам? Јас ќе си гледам за себе. Кариера, ведра иднина и како и да оди тоа понатаму, според општо-прифатениот профил на успешен млад човек. Ќе живеам како останатите, конформистички. Можеби и се плашите да не го потрошите залудно времето.
Но, немој никогаш да се плашите дали ќе потрошите залудно време, дали ќе преживеете или проживеете.
Затоа што вистинската штета доаѓа од милионите луѓе кои сакаат само да “преживеат”. Од чесните луѓе кои сакаат само да бидат оставени на мира. Оние кои не сакаат нивните мали животи да бидат вознемирени од нешто поголемо. Оние кои не заземаат страни и кои немаат каузи.
Оние кои не сакаат да направат бучава – или непријатели. Оние за кои слободата, честа, вистината и принципите се само празни зборови. Оние кои живеат површно, се дружат површно, умираат површно. Тоа е редукционистички пристап кон животот: колку е помал сопствениот живот, толку е полесен за контролирање. Ако не направите бучава, вампирот нема да ве пронајде.
Но, сето тоа е илузија, бидејќи и тие умираат, оние луѓе кои ги завиткуваат своите души во мали, ситни топчиња за да бидат безбедни. Безбедни?! Од што? Животот е секогаш на работ на смртта; тесните улици секогаш водат до истото место како и широките патишта. И мала свеќа ќе догори исто како и огнен факел. Ние другари, го избравме сами својот начин на кој ќе гориме. Да бидеме факел, а не свеќа.