Ванковска: Солидарноста е личен став, нам ни е потребно системско решение за здравството
Во врска со здравствениот систем, солидарноста и хуманоста, еве го мојот став во неколку точки, вели Билјана Ванковска.
Во профолжение ви го пренесуваме ставот на кандидатката на Левица за претседател на Македонија во целост:
1) Јас сум за воспоставување целосно на ЈАВЕН/државен систем на здравствена заштита. Ако една Канада има САМО државно здравство, тогаш по што е Македонија толку покапиталистичка и полиберална? Кое е фајдето за човекот? Уништувањето на јавното здравство има катастрофални последици и за поединците и за општеството: сега сме поделени на тие што имаат пари да си обезбедат поквалитетна здравствена заштита, и тие што мораат да одат во руинирани државни објекти. Да не зборувам за „миграцијата“ на здравствениот кадар за повисоки плати кон приватното здравство, па и во насока на напуштање на земјата (главно заминување во Германија или Хрватска).
2) Само јавното здравство се заснова на принципите на солидарност и хуманост, односно еднаквост на човечкиот живот и здравје. Сите издвојуваме за здравствениот фонд, а добиваат тие на кои заштитата им е нужна, поради хронични или акутни заболувања, повреди, попреченост…
3) Донирањето е навидум хумана и доблесна работа. Ќе се потресеме за некое детенце и почнуваме да собираме средства, кој колку може. При, жива и здрава држава (ок, не знам колку е здрава, ама така е зборот).. Донациите се капиталистички изум, кој прави луѓето се чувствуваат подобро и да можат да си ја смират совеста со тоа што некому ќе му дадат средства за лекување (симболичен или поголем износ, кој колку може). Велам, смират совеста не затоа што се тие виновни за здравствениот колапс, туку затоа што молчат и трпат неправеден систем и уште се плашат од „комуњари“. Гледате го филмот „Сико/Sicko“ на Мајкл Мур ако сакате да сфатите која ми е поентата. Јас не можам да замислам дека стануваме општество во кое човечкиот живот зависи од совеста на побогатите или не толку богатите.
4) Сум донирала и донирам, но тоа е моја лична одлука и работа од која не правам ниту јавна реклама, ниту си доделувам себе си посебни заслуги. Понекогаш ме фаќа очај што во ист ден се нижат повици, еден зад друг, детенце по детенце, а факт е дека како поединци не можеме многу да сториме, ако државата не го презеде тој чин. Но, некој нема право да ме прозива мене или кој и да е друг дали и колку сме донирале, исто како што е неетички и некој да се (или да не’) фали со тоа – најмалку од се’ среде политичка кампања. Сум слушала и порано за такви “генијални идеи“ среде кампањи: ајде сега е згодно да посетиме некое повредено дете, старец, лице со попреченост, да донираме, затоа што „јавноста сака тоа да го види“. Мене, простете, ми доаѓа мачнина од такви методи на изигрување хуманизам за политички цели. Хуманиот човек е хуман и кога е тивок, и кога нешто чини од човекољубие, а не за да „ќари“ нешто. Затоа, на морални уцени не потпаѓам.
5) Конечно, се надевам дека како општество ќе имаме сили СИСТЕМСКИ да го решиме проблемот со урнисаното здравство, да обезбедиме достоинствена положба на медицинските лица и установи (условите во кои работат се очајна приказна сама по себе), но и на пациентите – кои и да се, кога и да им треба помош од заедницата и од струката.
Ете, толку имам да кажам на оваа тема засега. Јас со својата совест и свест ќе продолжам да го правам тоа што сум го правела и порано, како поединец. Но, како член на организирано општество ќе се борам за организиран систем и колективна солидарност, вели Ванковска.