Како говореше хероината Вера Фотева?
На 14 декември 1944 година во Скопје се одржа конститутивната конференција на Антифашистичкиот фронт на жените во Македонија.
Списанието „Нашиот пат“ од ноември 1944 година пишува дека дотогаш жената „не смееше да застане при мажите кога тие зборуваа, а денес во тие исти македонски села седи како рамноправна членка. Врвејќи по патот по кој оди целиот македонски народ во денешната народноослободителна борба, македонската жена доби полна рамноправност”.
Како што говореше македонската партизанка од Егејска Македонија, Вера Фотева:
,,Во тој период во сите пори на организацијата АФЖ и општо на Македонката, избиваше силен револуционерен дух, што ретко може да се најде споредба во историјата на женското движење општо земено во светот. АФЖ стана влијателна организација во чии редови бараа да се вклучат и Гркинки. На борбата жената ѝ даваше сѐ што имаше — својот дом, синовите, ќерките, мажот, своето срце и душа и не жалеше за жртвите, зашто се надеваше на едно поубаво утре, кога луѓето ќе бидат рамноправни и поправични.”