Во Струга поставена спомен-плоча со која се слави фашистичката окупација
Старата зграда на основното училиште „Браќа Миладиновци“ во Струга, каде по реконструкцијата се смести Општината, доби спомен-плоча испишана само на албански јазик со која се велича фашистичката окупација на градот, кога Албанското кралство го востановило албанскиот јазик како службен во Југозападна Македонија. Текстот на еднојазичната табла во превод содржи: основно училиште, Конгресот во Битола и датумот на негово отворање 1 септември 1941 година.
Никола Кукунеш од Советот на Општина Струга објаснува дека таблата значи повикување на придобивка којашто е настаната под фашистичка окупација. Вели дека образованието на овие простори почнува во 1945 година за сите подеднакво и за Албанците и за Турците и за Македонците, а тоа е нешто што нè обединува и што е заедничко.
„Со поставување на оваа табла без знаење и без широк консензус од пошироката заедница, без гласањето по Бадентер во рамките на Советот на Општина Струга, е изиграна една правна процедура и поставена е табла надвор од сите правни рамки. Второ, употребата на јазикот – оваа табла е напишана само на албански, со што е прекршен член 6 став 3 од Законот за македонски јазик којшто е донесен пред неполн месец и трето, историскиот контекст, се повикува на придобивка во 1941 година кога овој дел од Македонија е анектиран и приклучен кон Кралството Албанија и со декрет на нивното министерство е востановен албанскиот јазик како службен јазик на оваа територија, а образованието се спроведува само на албански јазик. Која е вредноста што нè обединува, што имаме заедничко со оваа приказна? Дали ова нè прави поблиски и дали вака имаме повеќе почит едни кон други?“, прашува советникот Кукунеш.