Изложба „Жените во ретката периодика“ по повод 8-ми Март во петок
По повод 8 Март во НУБ „Св. Климент Охридски“ со почеток од 11 часот ќе биде прикажана дигитална изложба „Жените во ретката периодика“ со делови од весникот „Македонка: орган на антифашистичкиот фронт на жените од Македонија“.
„Весникот ‘Македонка: орган на антифашистичкиот фронт на жените од Македонија’ е важен наслов од фондот на Збирката за ретка периодика. Тоа е првото женско списание објавено во Македонија. Овој периодичен наслов има големо културолошко, историско, книжевно и библиотечно значење за Македонија и Европа. Тоа е историски сведок за отпорот на македонските жени кон фашизмот и нивната борба за еманципација и стекнување на еднакви права. Овој наслов е особено релевантен за женското пишување во историјата, културата и истотијата на жените, активизмот во политиката итн. Весникот излегувал од 1944 до 1952 година во осумгодишна временска рамка и вкупно 83 броеви. Три пати го менуваше насловот во ‘Просветена жена’, ‘Жена’ и ‘Жена нова’“, се вели во најавата.
Авторки на изложбата се Марина Мијаковска и Милица Ивановска.
Настанот ќе биде заокружен со поетско читање на неколку истакнати македонски писателки.