АктуелноЛокалноНастани

На два месеци пред изборите, власта не знае што да им прави на гласачите без документи

На околу два месеци пред избори, властите допрва ќе носат решение како ќе гласаат на изборите над 100.000 граѓани кои имаат пасоши со старото име на државата, а немаат важечка лична карта. За 1.000 граѓани кои стануваат полнолетни пред изборите нема решение, ќе гласаат само оние со нови лични документи.

Повеќе од 100.000 граѓани кои имаат право на глас на претстојните претседателски и парламентарни избори во Северна Македонија немаат важечка чична карта, а пасошите што ги поседуваат се со старото уставно име, покажуваат податоците од Министерството за внатрешни работи. Над 15.000 лица, пак, според МВР, кои поседуваат документи со старото име односно во моментов немаат важечки пасош или лична карта, а се сликани за нов документ и истите им се во процес на издавање. Исто така над 1 000 граѓани, од денот на распишување на изборите (14 февруари) до 8 мај ќе станат полнолетни и ќе треба да гласаат за прв пат, меѓутоа не поседуваат никаков нов личен документ.

Ако се земат предвид актуелните законски решенија ова значи дека ако овие граѓани не успеат да извадат нови лични документи, нема да може да гласаат на изборите.