Дијабетичарите повторно оставени без „оземпик“ и „рибелсус“
Сојузот на здруженија на дијабетичари алармира дека се соочуваат со недостиг од терапија за контрола на шеќерната болест. Оттаму потенцираат дека има недостиг на терапиите „оземпик“ и неговата таблетарна форма „рибелсус“, а дека од Министерството за здравство добиле незадоволителен одговор за причините.
Според Сојузот овие две терапии „оземпик“ и „рибелсус“ ги има во државата за сите постојни пациенти до потпишување на договорот за набавка на планираните дополнителни количини. Но, додаваат од Сојузот, овие количини не сите ги добиваат континуирано и навремено.
За жал, повторно ни се случува недостиг на инсулин, за кој поставивме прашање до Министерството за здравство, од каде добивме официјален одговор дека заради реевидирање на количините на „ризодег“ согласно количините предвидени во реалзиација на тековниот тендер, се делат само преостанати количини по бројка, а сите други пациенти треба да се консултираат со своите специјалисти ендокринолози за да им се смени инсулинот, велат од Сојузот.
СЗДМ изјавува дека моменталната состојба само ги потврдува нивните долгогодишни барања за промени во моделот на достапност на терпија и помагала со отворен пазар и воведување на референтни цени.
-Ние, сакаме да сериозно го подигнеме квалитетот на животот на лицата со дијабетес, со конкретни мерки и активности од државата. Затоа апелираме на сериозност на Министерството за здравство и транспаретно да се делува и навремено да имаме информации во тековниот период, додаваат оттаму.