Разговор со Владимир Илиевски автор на книгата „Суво мастило“ во Градска библиотека „Браќа Миладиновци“

Во спомен-собата „Т’га за југ“ во ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ утре (6 февруари) со почеток од 19 часот ќе се одржи разговор со Владимир Илиевски, автор на романот „Суво мастило“.

Разговорот е дел од вториот циклус на кампањата #ЧитамеСовремениМакедонскиАвтори, модератор ќе критичарката биде Александра Јуруковска, а фрагменти од книгата ќе чита актерот Андреј Серафимовски.

Ова е дело во кое авторот вешто ја користи историјата како моќна, објективна и вистинита книжевна подлога, а истовремено гради субјективен книжевен однос и перцепција кон таа вистинитост. Книгата е во издание на Македоника литера (2020) и беше финалист за наградата „Роман на годината“.
Опфаќајќи голем временски период таа приказна се плете и расплетува на цврст реалистички принцип, но со голема внимателност на авторот кон фактите и темелноста на историската оправданост – пишува критичарот Сашо Огненовски.
Владимир Илиевски (1970, Скопје) е прозаист, поет и книжевен теоретичар. Дипломира и магистрира на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје.
Ги има објавено книгите: Гледач на линија (поезија, 1997), Избор и случајности (поезија, 2000), Мојата лична амортизација (поезија, 2002), Цитатноста во лириката (книжевно-научна студија, 2007), Нема исти утра (поезија, 2008), Ноќна еротска програма (поезија, 2011), Лични податоци (поезија, 2014), Брзината не убива (поезија, 2016) и Пената на црниот бран (раскази, 2018). Дел од творештвото му е преведено на бугарски, хрватски, српски, руски, украински, полски, литвански, италијански и англиски јазик