Ванковска: 23 години ДУИ си игра со СДС и ДПМНЕ

  • Пишува Билјана Ванковска, доктор на политички науки, редовна професорка на Филозофскиот факултет во Скопје и професор на Европскиот мировен универзитет во Шлајнинг, Австрија.

Среќавам во квечерина пријател кој нервозно се шета покрај својот дом, па застанавме на краток муабет. Ми вели дека е толку вознемирен што морал да излезе на воздух. Во прв миг не сфатив на што конкретно мисли, па ми појасни дека причината е триумфалистичкиот марш низ институциите на генералисимус Таљат и Али Баба со 40-те разбојници (ова е мој опис). За да не се контаминирам со гнев и негативни емоции се трудам што помалку да следам вести. Но, по враќањето дома почнав да прелистувам и да гледам што точно се случило. Да победеше на избори, немаше вака да му се поклонуваат.

Ова не може да се отфрли (како што прават некои професори и советници на Стево) како вообичаен популистички фолклор на ДУИ, кој треба да се игнорира. Демек, ќе ни помине како на кутриња до 9 мај, кога се’ ќе се заборави.

Напротив, ваквата реакција кај челниците на ДУИ не е обичен предизборен трик, туку и длабоко всадена матрица на воини кои победиле и на кои се’ им е дозволено, бидејќи нивната борба била праведна (и амнестирана). Од друга страна, пошироката јавност покажува дека официјалната политика на заборав за случувањата од 2001 година не успева сосема. Особено кога некој дотура сол на рана која не зараснала… Реакциите се оправдани и логични во земја која не минала низ процес на соочување со конфликтното минато и на оние кои пукале во припадници на безбедносни сили и на цивили им ги „простила“ сите злодела.

Настрана што го предавам предметот Транзициска правда (и помирување), туку и како човек, не можам да прифатам дека двете македонски партии коишто ДУИ ги менува на тронот за 23 години не направија НИШТО барем да се откријат коските на т.н. исчезнати лица од 2001 година. Барем да им дозволат на семејствата да си ги погребаат достојно и да имаат место на кое ќе ги посетуваат нивните вечни домови… НИКОЈ НЕ ГИ НИ СПОМНУВА! Заради „коалицискиот потенцијал“, заради власт! Дури и претставникот на РЕКОМ од Косово со гордост мафта со вратоврската на крејтари шиптаре, а уредник е, божем млад професионалец и напреден во сфаќањата.

Таљат го анализираат по ТВ дебати, ама само низ призма на неговиот „мирнодопски“ политички ангажман – каков пратеник бил, каков министер и спикер, па сега и премиер. Бил ваков и таков, но заклучокот е дека е искусен политичар со сите салтанати. (Патем, дури и мојот факултет му додели посебна плакета за заслуги по повод 100-годишниот јубилеј; Таљат ми бил постдипломец, ама тој има заслуги, јас немам ни обична благодарница за 40-годишен стаж).

Сите мижат пред поголемата слика во која поразот на државата од паравојската на УЧК се ефектуира и политички етаблира како недопирлив, над моралот и правото, над политиката, само небото е лимит! Ова нема никаква врска со Охридската рамка, бидејќи рамката стана темел врз кој се издига дивоградба.

Човек со два прста образ и совест би бил крајно внимателен во ваква ситуација, но не… Војникот во Таљат уште доминира и никогаш не излегол иако носи цивилно одело.

Во Македонија е табу тема да се зборува за албанскиот шовинизам, воен триумфализам, па дури и за корумпираноста на целата каста на ДУИ. Ние се плашиме дека ќе не’ наречат македонски националисти и албанофоби, а тие на секоја и најблага критика врескаат „леле, говор на омраза!“.

Најлошо е што минаа толку години што младите Албанци, па и Македонци, немаат никаков пристоен и кредибилен наратив за 2001 година, а овие сега на мнозина им се идоли. Под сенката на ДУИ никнуваат нови генерации кои не знаат за ништо подобро – и на пример, никогаш не слушнале за Вулнет Старова.

Пораката е: насилството се исплатува!