Левица: Неизвесна е судбината на 5000 работници во РЕК Битола
- Реакција на политичката партија Левица
Иако енергетската криза ги изнесе на површина слабостите на државните енергетски капацитети поради негрижата на сите власти, очигледно е дека Владата на СДС и ДУИ, без никаква стратегија и научен пристап, продолжува со погубните политики. Последниот чекор во низата катастрофални политики на владата во заминување е донесувањето на Инвестицискиот план за забрзана транзиција од јаглен, со кој Владата ноншалантно се обврзува да го ЗАТВОРИ РЕК Битола до 2030 година!
Како што реагира и самиот синдикат на вработените во РЕК Битола, ваквата избрзана мерка, БЕЗ НИКАКВА СТРАТЕГИЈА, сигурно ќе ја доведе Републиката во подредена положба и целосно зависна од увоз на енергија. Доколку криминогената власт се консултираше со експерти, истата ќе беше свесна дека капацитетите на РЕК Битола за снабдување со електрична енергија во овие услови се незаменливи. Директна причина за тоа е немањето никакви инвестиции изминатите 30 години во домашни капитални проекти, кои имаат капацитет да го заменат работењето на РЕК Битола.
Еден од таквите проекти, кои имаат потенцијал во иднина да го олеснат работењето на оваа термоелектрана е токму проектот Чебрен-Галиште, кој ниту една власт досега немаше капацитет да го спроведе, иако истиот е стратешки проект за енергетската стабилност и одржливост на државата! Налудничаво е државата да се ОБВРЗУВА на затворање на термоелектраните, без никаква научна стратегија и модел за целосно искористување на хидропотенцијалот.
Левица целосно се залага за постепена транзиција кон еколошки извори на енергија и затоа, како политичка партија, бевме најгласни против скандалозната одлука за оттуѓување на Чебрен. Дополнително, јавно прашуваме кога Владата се обврзала на оваа погубна одлука, дали во предвид ја имала судбината на 5.000 вработени токму во РЕК Битола? Вакви крупни одлуки мора да бидат донесени со комплетна и детална стратегија за пренасочување на работниците кои ќе ги изгубат своите работни места.
Владата во заминување имаше осум години да започне со изградба на капитални хидроенергетски објекти, во сопственост на државата, со која не само што ќе се гарантираше енергетската независност на Републиката – туку на овој начин ќе се реализираше транзицијата кон обновливи извори на енергија. Ваквите ИЗБРЗАНИ и непромислени чекори за затворање на РЕК Битола, без притоа да не се инвестира ниту денар во домашни капацитети, единствено значи да се остават 5.000 работници на улица и Македонија да стане целосно увозно зависна од енергија, каде цехот ќе го плаќаат граѓаните преку повисоки сметки.
#Левица, за разлика од триото СДС-ДПМНЕ-ДУИ, кое има унифициран став „Чебрен-Галиште” да го гради концесионер, се залага овој стратешки проект да го гради државата, а паралелно државата да изгради стратегија за квалификувана обука и дообука на кадри, со што ниту еден работник нема да остане на улица и ќе биде инкорпориран во системот на транзиција кон зелена енергија.