Левица: Културното наследство опасно по животот на минувачите
- Реакција на Левица – Сектор Култура
Континуираниот незаинтересиран однос на институциите кон спомениците на културата заштитени со Закон, прави сè повеќе вакви објекти да бидат окарактеризирани како недвижно културно наследство во опасност.
Непочитувајќи ги законите, очигледно е дека Владата и министерката Костадиновска немаат стратегија како овие објекти да се зачуваат, па така напуштени и запуштени оставени се на немилост од забот на времето.
Проблемот со ваквите објекти добива и поинаква димензија, ако се земе во предвид фактот што некои од нив се наоѓаат на фреквентна сообраќајница, со што во ризик се доведува здравјето на минувачите. Таков е случајот со неколку стари куќи кои се под заштита на Министерството за култура, а една од нив на улицата Гоце Делчев во Штип.
Старите дотраени куќи кои немаат двор, ниту тротоар, се до самата улица. Кровните конструкции се разнишани и пред распаѓање. По секој дожд, на улиците видливи се остатоци од градежни материјали во распаѓање, но и покрај тоа никој од надлежните органи не реагира. Ваквата состојба е континуирана и се провлекува повеќе декади. Сопствениците не може ни да ги продадат овие куќи, бидејќи добиле решение дека куќите се под заштита на државата како културно наследство. Им било посочено дека Министерството за култура сака да ги обнови објектите и да ги преадаптира во спомен куќи.
Министерката Костадиновска досега минимум пет пати била во Штип или поминала покрај оваа куќа десет пати, но не е преземено ништо во однос на овој проблем.
Наспроти оваа негрижа, Левица предвидува развивање темелна стратегија за соодветно истражување и заштита на материјалното културно-историско наследство на земјата, и сериозен третман и активна грижа за македонското културно наследство, особено во услови кога се негира македонската историја и идентитет.