120 години „За македонцките работи“
- На денешен ден пред 120 години, односно 25 декември во 1903 година во Софија излегла од печат книгата “За македонцките работи” од македонскиот публицист и лингвист Крсте Петков Мисирков.
Книга напишана од Крсте Петков Мисирков и објавена во Софија во 1903 година. Книгата ги претставува погледите на еден од најголемите македонисти и национални дејци кон македонското прашање, националната свест и пред сè на потребата од завршување на националната афирмација и ослободување на Македонците како посебен народ со особено значење на улогата за кодифицирање на литературен македонски јазик.
Во книгата се обработуваат тематики поврзани со основање на стандарден македонски јазик, правопис и азбука во контекст на изнесениот политиколошки поглед на тогашната актуелна политичка состојба во Македонија по Илиденското востание, како и научно-теоретски погледи за самобитноста и посебноста на македонскиот народ со историски пристап кон настанокот на другите европски и словенски народи, со единствена замисла и цел за национална афирмација на македонскиот народ во современа модерна европска нација со своја слободна, целовита и независна држава Македонија.
Книгата на Мисирков е политичка анализа на положбата на македонскиот народ и предлог-програма за македонското националноослободително движење.
Истовремено, таа ја разоткрива асимилаторската политика на соседните земји насочена против македонскиот народ и против македонскиот јазичен, културен и етнички идентитет. Во самата книга, тој 10 години пред Балканските војни и Букурешкиот мировен договор, ја предвидува можноста од поделба на Македонија меѓу балканските држави, предлагајќи обединување на сите македонски народности, како и интелектуални, револуционерни и ослободителни сили и движења во една и заедничка борба за ослободување на Македонија со цел да се оневозможи ваквиот процес и истовремено предлага воведување и сеопшто прифаќање на терминот Македонец / Македонци во официјална употреба за националноста на македонското словенско население во вилаетите на Отоманското Царство на подрачјето на Македонија.