Левица: Криза за храна на повидок – МЗШВ и Николовски главни виновници
- Реакција на Левица – Земјоделски сектор
Неодамна излегоа официјалните податоци од Државниот завод за статистика за третото тримесечје од 2023 година, и според нив откупот и продажбата на земјоделски производи изнесува 5 492 867 илјади денари и во однос на истиот период од претходната 2022 година е намалено за 8.2 %.
Кај откупот на земјоделски производи од индивидуалните производители е забележано намалување за 12.4 %, додека кај продажбата на земјоделски производи од сопствено производство e забележано намалување од 2.7 %.
Катастрофално намалување е забележано кај житните и индустриските растенија, овоштартсвото и лозарството. Сточниот фонд е намален, производство на млеко и млечни производи, како и на мед, риба и други основни прехранбени производи е на многу ниско ниво.
Иако министерот Николовски гордо се слика и се фали со апликантите кои добиваат пари од ИПАРД фондовите, земјоделското производство во Република Македонија, во услови кога цената на храна во светот секојдневно расте, полека но сигурно се движи надоле.
Левица многу пати досега алармираше за лошите политики на министерот Николовски и владата на СДСМ и ДУИ. Ако продолжи оваа непотистичка и селективна земјоделска политика која ги фаворизира увозниците блиски до нив и домашните феудалци, за брзо време ќе се соочиме со комплетно уништување на домашното земјоделско производство и недостатоци на храна.